/ Прочитано:

887

Француски кандидат за судија ќе ги презентира искуствата од стражирањето во македонското правосудство

Четврток, 28 март 2013 – Кандидатот за судија на француската Државната правосудна академија, Емануел Лаудич – Барон денеска пред директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска и француската амбасадорка Лоренс Оер, ќе ги презентира искуствата стекнати во рамките на тринеделниот престој во земјава.

Стажирањето во надворешни странски судски институции е пракса на Државната правосудна академија на Република Франција, а целта е кандидатот да се запознае со правните системи на другите земји. Престојот на  Лаудич – Барон е реализиран како дел од активностите предвидени во Меморандумот за соработка кој беше потпишан помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Амбасадата на Франција во Македонија.

На настанот ќе присуствуваат и кандидати од почетната обука на Академијата, како и дел од менторите и едукаторите на Академијата пришто кандидатот за судија на Франција ќе има можност да се запознае подетално со Програмата за почетна обука во Академијата, но и да размени искуства со кандидатите кои ја завршија почетната обука во Академијата.

За време на тринеделниот престој, како што информират од Академијата, подготвена е посебна агенда адаптирана на потребите и интересите на кандидатот од Франција во чии рамки беа реализирани посети на Академијата за судии и јавни обвинители, Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Врховен суд на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, Основен суд Скопје 1, Основен суд Скопје 2, Апелациониот суд Битола, Основен суд Штип, Основен суд Гостивар, Министерството за правда на Република Македонија, Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, Канцеларијата на народниот правобранител на Република Македонија, Адвокатската комора на Република Македонија, како и на коморите на извршители и нотари на Република Македонија.

Лаудич – Барон присуствуваше и на тридневната напредна обука посветена на новиот Закон за кривичната постапка, која е дел од циклусот на напредни обуки кои Академијата ги организира во соработка и со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ОПДАТ Програмата на Амбасадата на САД.