/ Прочитано:

1.723

ФРЧКОСКИ: „22 правни факултети во земјава се премногу“

Професорот Љубомир Фрчкоски на Правниот факултет „Јустинијан Први“ одржа предавање на тема „Слободниот универзитет и новиот политички говор“. „За автономијата може да се коментира, но не и да се преговара“ рече Фрчкоски на алтернативното предавање, посочувајќи дека допрва претстои борба што ќе биде дел од новото законско решение за високото образование.

Според професорот Фрчкоски, предложените законски измени за високото образование биле во функција на државна контрола на Универзитетот, на професорите и студентите.

Тој нагласи дека при тоа се направил обид да се внесе раскол меѓу студентите и професорите, со што, пак, директно би се загрозил принципот на физичка автономија на Универзитетот.

„За автономијата може да се коментира, но не и да се преговара“, рече Фрчкоски за кого е неприфатливо автономијата да биде предмет на преговори или уставни промени затоа што таа се гарантира во Уставот, што, пак, е најцврстата норма за автономијата која значи и поткрепување во остварувањето на правото на универзитетска автономија.

„Гаранцијата значи обврска на државата да го поткрепува правото на автономија на универзитетот“, потенцираше Фрчкоски, елаборирајќи ги аспектите на уставната гаранција на универзитетската автономија.

Тој рече дека универзитетската автономија во Европа постои уште од 13. век на Болоњскиот универзитет.

„Тогаш се поставени и принципите за односот студент – професор, за финансиската и физичката автономија“, рече Фрчкоски, додавајќи дека: „тогаш полицаец не можел да влезе во Универзитетот кога сака“.

Професорот истакна дека суверенитетот на Универзитетот подразбира критериуми на знаење кое тече, кое не може да биде загрозено од вмешување однадвор, но исто така упати и критика кон професорите-неутралци што не се впуштаат во дискусии за суштинските прашања што се витални за универзитетската наука.

Тој ги оцени предложените законски измени на Законот за високото образование како обид  за одземање на моќта на студентите и професорите и како уцена на помладите генерации професори за кои се поставувале невозможни високи прагови за напредок во кариерата.

„Ова подразбира дека тие би се нашле во ситуација да го молат министерот за образование за да напредуваат. Таквиот професор од нормалниот критички однос треба да почне да мисли на себе“, рече Фрчкоски, додавајќи дека со тоа се сакало да се цеди моќта на академската заедница.

Професорот истакна дека последните изјави на ректорот на УКИМ биле несреќни, дискутабилни и проблематични, најмногу затоа што во нив никаде не се навестува заштитата на универзитетската автономија и затоа е потребно со резерва да се земат намерите за креирање на закон кој ќе ги има позициите на професорите и студентите.

„Во Законот треба да има резервен домен оставен за саморегулација на Универзитетот“ подвлече Фрчкоски, посочувајќи дека во предложеното законско решение имало многу грешки што било причина и тоа да се повлече.

„На пример, се велеше да се користи преведена литература по право од Америка, од Австралија, од Кина. Па, ние немаме таков правен систем, каква би била примената на правото во Австралија во земја каде што се употребува европското право“, рече Фрчкоски, за кого е спорна и самата финансиска автономија на Универзитетот.

„Во државата имаме 22 правни факултети. Тоа е премногу и во овој случај како да се говори за финансиска автономија“, потенцираше тој, предлагајќи дека треба да се затворат оние правни факултети што не се квалитетни, а парите да се употребат и пренаменат за обезбедување на бесплатно правно образование.

3.03. 2015

М.В/ veljanoskim@akademik.mk