/ Прочитано:

837

„Фридом Хаус“: Независноста на македонското судство „вознемирувачки опаѓа“

Вторник, 18 јуни 2013 – Пониска оценка за независноста на судството, политички притисок врз судот од страна на министерот за здравство и увидени алармантни прекршоци во истражна постапка за извршено убиство, се оценките за земјава во последниот извештај со наслов „Нации во транзиција“ на невладината „Фридом Хаус“. Според извештајот, Србија и Хрватска, последниве 3 години бележат мал напредок во реформите за независно судство, додека во земјите од Централна Европа и Централна Азија се зголемува влијанието на автократските влади.   

„Македонија доби пониска оценка во однос на правосудството и неговата независност откако беа увидени алармантни прекршоци во позната истражна постапка за извршено убиство, како и по големиот политички притисок врз судовите вршен од страна на министерот за здравство, што ги поматува перспективите за сеопфатни правосудни реформи и за сузбивање на корупцијата, стои во извештајот на „Фридом Хаус“. 

Во извештајот е наведено дека државите од Западен Балкан со процесот на простапување кон ЕУ се мотивирани да спроведуваат реформи и механизми кои гарантираат демократски институции и функционална пазарна економија, но имплементацијата на тие реформи најчесто е закочена од недостаток на политичка волја.

Анализата за минатата година, покажува дека најпроблематични за спроведување се реформите кои се однесуваат на независност на судството. Според рејтингот, пред нашата земја во оваа област од регионот се Србија и Хрватска кои во изминативе 3 години бележат мал напредок додека Македонија е во група со Албанија, Косово и БиХ.  

„На Балканот, особено во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Македија се забележува пад во справувањето со корупцијата, бидејќи судството е чуствително на  политичко влијание, а новинарите се соочуваат со заплашување и напади. Овие земји бележат тренд на „вознемирувачко опаѓање“ во однос на реформите за независно судство“, се вели во извештајот.

Во земјите од Централна Европа и Централна Азија се зголемува влијанието на автократските влади кои се помалку се грижат за демократијата е заклучокот од извештајот. Според анализата за демократскиот развој од Централна Европа до Централна Азија во извештајот е наведено дека е забележливо „вознемирувачко влошување“ на условите во кои функционира граѓанското општество. Основните параметри по кои е евидентирано влошувањето се корупцијата, цензура на медиуми и насилство врз политичката опозиција. Земјите Узбекистан и Туркменистан бележат најлоши оценки по ова прашање.

Претседателот на Фридом Хаус, Дејвид Крамер вели дека враќањето на рускиот претседател Владимир Путин на функцијата минатата година ја „ донесе најголемата репресија која Русите ја виделе по падот на Советскиот Сојуз“ . Во Украина е забележано дека парламентарните избори поминаа со политички гонења, правни манипулации, поткуп и други злоупотреби.

„Централно европските држави, особено новите земји членки на ЕУ почуствуваа политичка нестабилност што се должи на притисокот од спроведувањето на остри мерки за штедење. Унгарија која минатата година забележа драматичен пад, годинава се повеќе се оддалечува од демократиските стандарди под власта на премиерот Виктор Орбан“, стои во извештајот. 

Извештајот се базира на податоци од 1 јануари до 31 декември 2012 години и го мери прогресот со помош на следните индикатори: изборниот процес, граѓанското општество, независните медиуми, националното демократско управување, демократско владеење на локално ниво, судски систем и негова независнот како и справување со корупција.