/ Прочитано:

1.216

ФРИДОМ ХАУС: Правната рамка и независноста на судството со оцена 4,50 поради индикациите за политичко мешање во работата на судството

Во категоријата правна рамка и независност на судството, во извештајот се наведува дека независноста на судството минатата година била една од темите на прислушуваните разговори објавени од опозицијата.

fridom-haus-house.jpg

Во извештајот „Нации во транзиција 2016“, што го објави „Фридом хаус“ за Македонија, се наведува дека се констатира назадување на демократијата во повеќе категории, и тоа: демократското управување, изборниот процес, граѓанското општество, независноста на медиумите, локалната самоуправа, правната рамка и независноста на судството, корупцијата како резултат на наводите од аферата со прислушувањето од 2015 година.

Просечната оцена за Македонија за 2015 година изнесува 4,29, што претставува пад на оцената што Македонија ја имала во претходниот извештај, кога изнесувала 4,07.

Правната рамка и независноста добија рејтинг 4,25 – 4,50 поради индикациите за политичко мешање во работата на судството.

Во категоријата правна рамка и независност на судството, во извештајот се наведува дека независноста на судството минатата година била една од темите на прислушуваните разговори објавени од опозицијата.

„Разговорите открија обиди од страна на високи државни и партиски функционери да се мешаат со судските одлуки; пазарења околу именувањето на судии; клиентелистички односи меѓу владините функционери и јавните обвинители; министрите кои водат евиденција на подобни и неподобни судии и манипулирање со процесот на избор и напредување на судии и јавни обвинители врз основа на политичка подобност и непотизам и делење на инструкции на шефот на Комисијата за верификација на фактите за прогласување на локален судија како информатор за безбедносните служби“, се наведува во извештајот на „Фридом хаус“.

Во извештајот е наведено дека поради констатираните состојби, Европската комисија преку свои експерти составила извештај со препораки за реформи во повеќе области. Извештајот изготвен од експертската група на Рајнхард Прибе нотирал голем број недостатоци во контролните механизми на судството и обвинителството, кршење на основните човекови права, прекршување на законите за заштита на личните податоци, политичко влијание, недостиг од транспарентност во номинацијата и изборот на судиите и слабости во системот за управување со перформанси за судиите и вработените во судовите.

Во извештајот е наведен и процесот на создавање на Специјалното јавно обвинителство, Законот за специјално јавно обвинителство изборот на првиот човек на оваа институција, како и тимот на СЈО.

„Фридом хаус“ наведува дека во февруари 2015 бил изгласан Законот за формирање на Совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија. Овој Закон, пишува „Фридом хаус“, наишол на критика од страна на невладините организации, според кои со него противуставно се суспендирале некои од надлежностите на Судскиот совет, се создале дискриминаторски услови за членство во новото тело, а на Судскиот совет му била дадена надлежноста да ги избира неговите членови.

Покрај тоа, во извештајот се наведени и три пресуди на Европскиот суд за човекови права во кои било констатирано дека Македонија ги прекршила човековите права.

Генерално, според извештајот на „Фридом хаус“, тврдењата на опозициската партија СДСМ, врз основа на снимените материјали што таа ги дистрибуираше минатата година, посочуваат на назадување во категориите што се однесуваат на изборните процеси, демократското управување, независните медиуми, судството и корупцијата, а подобрување се забележува во секторот граѓанско општество поради протестите и активизмот на невладините организации.