/ Прочитано:

2.440

ФРИДОМ ХАУС ЗА СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ: Македонија е неслободна земја

„Македонскиот медиумски простор е длабоко поларизиран по политичка линија. Автоцензурата помеѓу новинарите е многу честа поради постојани притисоци врз сопствениците на медиумите, особено поради бизнис или политичките интереси, а во последно време и поради загриженоста од следење. Новинарите се слабо платени и се соочуваат со закани и се малтретирани поради истражувачко или критичко новинарство“, се наведува во извештајот на „Фридом хаус“.

Медиуми

Последниот извештај на организацијата „Фридом хаус“ од 2016 година, кој се однесува на слободата на медиумите, ја рангира Македонија како неслободна земја. Според извештајот, земјава од делумно слободна преминала во неслободна како резултат на наводите за незаконско прислушување на новинари, коруптивни врски меѓу функционери и сопственици на медиуми и зголемување на заканите и нападите врз медиумските работници.

„Македонскиот медиумски простор е длабоко поларизиран по политичка линија. Автоцензурата помеѓу новинарите е многу честа поради постојани притисоци врз сопствениците на медиумите, особено поради бизнис или политичките интереси, а во последно време и поради загриженоста од следење. Новинарите се слабо платени и се соочуваат со закани и се малтретирани поради истражувачко или критичко новинарство“, се наведува во извештајот на „Фридом хаус“.

Според „Фридом хаус“, Уставот на Република Македонија предвидува основна заштита на слободата на медиумите и слобода на говорот, но властите ги почитуваат овие права делумно. Во извештајот се наведува случајот од 2013 година со новинарот Томислав Кежаровски кој беше  кривично гонет.

„Иако клеветата беше отстранета од Кривичниот законик во 2012 година, процесите во граѓанска постапка предвидуваат високи казни за новинарите, уредниците и сопствениците на медиумите. Иако судот во неколку случаи пресудил во корист на новинарите, Здружението на новинари на Македонија наведува дека тужителите не обезбедуваат доволно докази за нивните тужби, а судиите дополнително, преку одложување на рочиштата, им даваат време на подносителите на тужбите да ги обезбедат потребните докази“, се наведува во извештајот.

Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се спроведува селективно поради тоа што институциите не одговараат на барањата од независните критички медиуми.

Исто така, во извештајот е наведено дека недоволно се спроведуваат законите за медиумите, а лиценцирањето е подложно на политичко и економско влијание.

Македонија има 62 поени на листата на „Фридом хаус“ за слободата на медиумите, а на врвот на листата се оние земји што имаат најмалку поени и што се сметаат за слободни. Во Европа, полоша медиумска состојба е евидентирана само во Русија, Белорусија и во Турција. Овие три земји заедно со Македонија се единствените кои влегуваат во кругот на „неслободни“.

Во извештајот „Нации во транзиција 2016“ од 12 април, што го објави „Фридом хаус“ за Македонија, се наведува дека се констатира назадување на демократијата во повеќе категории, и тоа: демократското управување, изборниот процес, граѓанското општество, независноста на медиумите, локалната самоуправа, правната рамка и независноста на судството, корупцијата како резултат на наводите од аферата со прислушувањето од 2015 година.

ФРИДОМ ХАУС: Правната рамка и независноста на судството со оцена 4,50 поради индикациите за политичко мешање во работата на судството