Фудбалскиот клуб „Хајдук“ оди во стечај
Петок, 12 октомври 2012 – Хрватскиот фудбалски клуб „Хајдук“ во својата стогодишна историја за првпат оди во стечај. На седница на градскиот совет на Сплит е утврдено дека не е одобрен кредит во износ од 30 милиони куни. По оваа одлука делегацијата на „Хајдук“ останала шокирана, пренесува хрватскиот „Јутарњи лист“.
Хрватската јавност се крена на нозе откако беше соопштена одлуката за банкротот на фудбалскиот клуб „Хајдук“. Претседателот на клубот Марин Брбиќ на кратко прокоментирал за лошата ситуација во која што се наоѓа клубот.
„Ова е крај. клубот мора да оди во стечај, а што ќе биде понатаму навистина не знам. Се надевам дека се свесни сите што ја дадоа оваа одлука“, изјавил Брбиќ.
Веста дека клубот оди во стечај ги алармирала фановите на клубот, па засега хрватските медиуми пренесуваат дека преку 300 членови на сплитската „Торцида“ се собрани пред седиштето на клубот.