/ Прочитано:

1.027

ГАБЕР-ДАМЈАНОВСКА ЗА ВАКЦИНИТЕ КАКО УСЛОВ ЗА ДЕТСКИ ДОДАТОК: Противуставно и прекумерно вмешување врз социјално право

Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 38 став 5 алинеја 1 од Законот за заштита на децата, оспорен од страна на Здружението за заштита на човековите права „ЗДРАВЈЕ СО ИГЛА НЕ ВЛЕГУВА“.

akad 2

Според наводите во Иницијативата, со поставувањето на условот, како што се определува во оспорениот член, примените вакцини да бидат основа за добивање родителски надоместок за трето живородено дете, државата вршела директна дискриминација.

„Со оспореното законско решение, се дерогира слободата на граѓанинот, а во таа смисла и на семејството“, се вели во Иницијативата.

Според Уставниот суд, не може да се смета дека со посоченото условување  се доведува во нерамноправна положба родителот заради остварување на правото на надоместок.

„Републиката го дава правото на користење на родителски додаток, но истовремено определува и обврска која треба да се исполни со цел остварување на ова право, а, во конкретниов случај, тоа е задолжителната вакцинација“, смета Уставниот суд.

Судијката д-р Наташа Габер-Дамјановска, пак, во врска оспорената одредба, смета дека основано може да се доведе во прашање нејзината согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и 8, членот 9 став 2, и членот 51 од Уставот.

„Бидејќи се работи за правото за детски додаток за секое трето живородено дете, кое е стекнато право со самиот чин на раѓање на третото дете, сметам дека основата за здобивање на тоа право е исполнета со тој факт и дека тоа не би требало да се меша со граѓанското право и со должност на здравствена заштита и чувањето и унапредувањето на сопственото здравје и здравјето на другите (членот 39 од Уставот) и не би требало повеќекратно да се санкционира по таа основа“, посочува уставната судијка во своето издвоено мислење.

gaber

 Целосен текст на издвоеното мислење на  судијката д-р Наташа Габер-Дамјановска

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.91/2015 донесено на 18.02.2016 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 38 став 5 алинеја 1 од Законот за заштита на децата (“Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015 и 25/2015) го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оспорениот член 38 став 5 алинеја 1 од Законот за заштита на децата (“Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015 и 25/2015) во кој се уредува дека правото на мајката за остварување на детски додаток за своето трето живородено дете нема да може да се оствари односно ќе го изгуби, доколку не се вршат задолжителните вакцинации на детето согласно закон.

Иницијално, сметам дека треба да се има предвид дека Уставниот суд во предметот У.бр.30/2014 веќе има изградено став по однос на прашањето на задолжителноста на вакцинацијата визави правата на граѓаните гарантирани во Уставот на Република Македонија. Во овој предмет, не е поведена постапка за член 33 став 2 и член 67 точка 6 од Законот за заштита на населението од заразни болести (“Службен весник на Република Македонија” бр.66/2004, 139/2008 и 99/2009) и за член 46 став 2 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013 и 41/2014). Член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести уредува за кои болести и возраст вакцинацијата е задолжителна додека во член 67 точка 6 од истиот закон, се предвидува глоба во износ од 300 до 650 евра во денарска противвредност за прекршок на физичко лице ако одбие вакцинирање за тие болести. Исто така, согласно член 46 став 2 од Законот за основно образование регулира дека при запишувањето на детето во прво одделение, родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа.

Со оглед на тоа дека Решението У.бр.91/2015 е ставено во корелација со погоре цитираниот предмет од судската пракса У.бр.30/2014, би сакала да истакнам дека Судот по однос на У.бр.30/2014 заземал правилен став, првенствено земајќи го предвид член 39 став 2 од Уставот каде се предвидува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. Бидејќи овој став на Уставот определува право но истовремено и должност на секој граѓанин да го чува и унапредува како своето здравје така и здравјето на другите, јасно е дека уставотворецот наложил грижа и заштита пред се на јавниот интерес кој се состои во зачувувањето на општата здравствена состојба на населението и кој во овој случај надвладува над уставно загарантираните индивидуални слободи и права во смисол на личен избор по однос на сопственото здравје на граѓанинот. Освен грижата за сопственото здравје, граѓаните не би смееле да го доведат во опасност здравјето на другите. Во тој контекст е и обврската на граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на Република Македонија, со оглед на тоа дека со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението. Во оваа смисла во У.бр.30/2014 и условувањето на упис на детето во основно училиште предвидено со оспорениот член 46 став 2 од Законот за основното образование, со приложување на доказ за извршена вакцинација, се гледа во функција на заштита не само на детето чии родители би го запишале во училиште а не ги примило потребните вакцини и би го повредиле правото на здравје на своето дете, но и на другите деца кои одат во истото училиште. Исто така, треба да се има предвид дека согласно член 24 од Конвенцијата за правата на детето, која со закон е ратификувана од Република Македонија, државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Притоа би сакала да нагласам дека квалитетот и видот на вакцините кои се употребуваат не претставува прашање од уставносудска надлежност, со оглед на тоа дека тоа прашање спаѓа во доменот на здравствената политика на државата.

Сепак, по однос на оспорената одредба наведена во Решението 91/2015 сметам дека основано може да се доведе во прашање нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 8, член 9 став 2, и член 51 од Уставот.

Детскиот додаток е во Законот за заштита на децата во групата на Права за заштита на децата (член 21-53) и тие имаат определена социјална функција, за покривање на животните потреби на детето. Член 21 од Законот наведува дека детски додаток е право на детето и се обезбедува како паричен надоместок за покривање на дел од трошоците за подигање и развој на детето. Исто така, член 2 став 3 од Законот наведува дека “Државата како и единиците на локалната самоуправа се грижат за давање на соодветна материјална помош на родителите за издржување, подигнување, грижа и заштита на децата и организирање и обезбедување на развој на установи и служби за заштита на децата.“

Конкретно, основот по кој е стекнато правото на мајката за остварување на детски додаток за своето трето живородено дете припаѓа и произлегува од корпусот социјални права каде во член 40 од Уставот е наведено дека Републиката се обврзува да обезбеди посебна грижа и заштита на семејството и децата. Бидејќи се работи за правото за детски додаток за секое трето живородено дете кое е стекнато право со самиот чин на раѓање на третото дете, сметам дека основата за здобивање на тоа право е исполнета со тој факт и дека тоа не би требало да се меша со граѓанското право и должност на здравствена заштита и чувањето и унапредувањето на сопственото здравје и здравјето на другите (член 39 од Уставот) и не би требало повеќекратно да се санкционира по таа основа. Оспорениот член 38 став 5 алинеја 1 го забранува остварувањето на детски додаток за трето живородено дете и покрај понатамошното фактичко постоење на основот за стекнување на тоа право, а воедно го става примателот на детскиот додаток во дополнително отежнувачка (ограничувачка) ситуација наспроти останатите живородени деца во семејството.

Оспорената одредба преку забраната за остварувањето на детски додаток за трето живородено дете ако тоа редовно не ги прима задолжителните вакцинации уредува повеќекратно казнување по различни основи за истото дело – несторување – односно невакцинирање на детето. Целта на законодавецот за постигнување на обврзен опфат на сите деца со вакцинацијата е веќе постигната со казнената политика предвидена со наведените закони во предмет У.бр.30/2014 за што судот веќе изградил став а со оспорената одредба сметам дека законодавецот остварил прекумерно вмешување врз социјално право стекнато по друг основ, повторено санкционирајќи го.

М.В