/ Прочитано:

1.437

Гаснењето пожари отежнато поради немање приод до зградите

„Главниот фактор поради кој се отежнува интервенцијата се непрописно паркираните автомобили, како  и отсуството на соодветен приод до зградата поради што пожарникарските возила не можат да пристапат до објектот“, вели Ѕвонко Томевски, командант на Бригадата за противпожарна заштита.

Пожарникарско возило

Од пристигнувањето на пожарникарските возила до почетокот на гаснење на огнот потребни се околу 5 минути. Тоа е доволно време за да се постави техниката, да се одлучи за начинот на кој ќе се дејствува и да се обиколи опожарениот објект. Во пракса, особено во Скопје ова правило некогаш не функционира. Предвидениот период на интервенција  се пролонгира, па така наместо за 5 минути,  огнот почнува да се гасне за 15 минути, па дури и за 20 минути. Причините се секогаш исти. 

„Главниот фактор поради кој се отежнува интервенцијата се непрописно паркираните автомобили, како  и отсуството на соодветен приод до зградата поради што пожарникарските возила не можат да пристапат до објектот“, вели Ѕвонко Томевски, командант на Бригадата за противпожарна заштита.

Во вакви ситуации се бара интервенција од полицијата да ги отстрани возилата, а проблемот со непристапност до објектот се решава со пуштање на подолги потисни црева. Годишно во Скопје пожарникарите имаат 1 400 интервенции, и тоа во сите општини, без разлика дали станува збор за нови или постари згради. Искуството со проблемите во гаснењето пожар, со кои се соочуваат, потоа им служи како показател за начинот на кој  полесно и побрзо можат да интервенираат во следните случаи.

„Во записник пишуваме за тоа каде има отежнувачки околности и кои се тие, па така однапред  знаеме дека треба да пратиме помало возило меѓу објектите пред кои  има мали улици или подолги потисни црева онаму каде што не е обезбеден приодот. Толку можеме, ништо повеќе бидејќи ниту не прашуваат, ниту пак одлучуваме за сообраќајните и за градежните решенија во градот“, вели  командантот на Бригадата за противпожарна заштита.

Институцијата која одлучува е Дирекцијата за заштита и спасување. Таа почна да функционира во  2005 година, откако претходно, во 2004 година, е донесен закон за нејзино формирање. Во нејзиниот состав тогаш влегоа Секторот за цивилната заштита од Министерството за одбрана и Инспекторатот за заштита од пожари при Министерството за внатрешни работи. До овој период, оваа сфера беше регулирана од страна на Инспекторатот за заштита од пожари при МВР. Според раководните лица на Дирекцијата, со нејзиното формирање значително се унапредиле заштитата и спасувањето.

„Секој објект кој се  гради мора да има техничка документација која се однесува на сите елементи – градежништво, електрика, машинство, водовод. Оваа документација мора да содржи и елаборат за заштита од пожари“, вели Димче Митевски, раководител во Дирекцијата за заштита и спасување.

Според него, секој објект, во зависност од намената, има различни содржини. Што ќе содржи документацијата, ќе зависи од пожарната оптовареност на објектот. Заеднички задолжителни елементи се  план за евакуација  и  средства за гаснење на пожар. Доколку се одобри доставениот проект, се дава согласност за отпочнување на градбата. Во спротивно се враќа на доработка. Веднаш по изградбата на објектот, лице од Дирекцијата излегува на терен за да провери дали е направено сето она што е одобрено со елаборатот.

Според Митевски од Дирекцијата за заштита и спасување, досега немало случај на непридржување до Законот. Законот за пожарникарство предвидува казни доколку некој изгради зграда без претходно одобрен елаборат. Казните се парични и се движат од 1 000 до 5 000 евра. Досега не била изречена ниту една казна бидејќи, како што велат во Дирекцијата, градежниците не сакаат да ризикуваат.

Зошто тогаш, и покрај сите мерки предвидени со Законот, во пракса се појавуваат сè повеќе проблеми? Според надлежните лица од Дирекцијата, приодот до зградите, односно обезбедувањето непречен пристап за пожарникарските возила не е во нивна надлежност.

„Сообраќајните решенија се регулирани со деталните урбанистички планови на општините. Дирекцијата може само да даде препораки како да изгледаат тие со цел да овозможат непречен пристап на пожарникарските возила“, вели Митевски.

Според општините, во согласност со деталните урбанистички планови и во согласност со законот, одобрение за градба се дава само доколку има обезбедено доволно паркинг места пред објектот. Законската регулатива предвидува за секоја станбена единица по едно паркинг место, но во реалноста семејствата во просек имаат по два автомобила. Ова е основната причина поради која на дел од паркинзите има паркирано повеќе од максимално дозволениот број автомобили, вели Кочо Стојчески, раководител на Секторот за инспекциски служби на Општина Центар. Проблемот се усложнува и поради фактот дека дел од станарите не купуваат место за паркинг, па својот автомобил го паркираат на тротоар или на кое било место кое им изгледа слободно. На овој начин се блокира приодот до зградите и се оневозможува пристапот на пожарникарските возила. Проект се изработува и за тоа како треба да изгледаат јавните паркиралишта, кои исто така треба да обезбедат непречен пристап. Во случајот со оваа општина, проектот е изработен од страна на јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар. Правило е потоа тој да биде одобрен од страна на Министерството за внатрешни работи, кое дава конечна оцена дали проектот задоволува или не. Секако, еден од условите за давање зелено светло е да биде овозможен приод за пожарникарските возила. Проектот треба да даде увид и за тоа како може да се организира паркирањето – попречно и надолжно.

Сепак, останува фактот  дека, и покрај сите законски регулативи, во изминатите неколку години неколку објекти во Скопје се изградија без обезбеден пристап за пожарникарски возила. Според Стојчески од Општина Центар, причините се сосема прагматични. Во прашање се,  вели,  интереси на одредени луѓе поради кои Законот за просторно и урбанистичко планирање се менува по потреба.

А. Б.