/ Прочитано:

1.368

Генерален штрајк во Каталонија против полициската бруталност

 Генерален штрајк, организиран од каталонските синдикати во знак на протест поради насилствата на полицијата за време на референдумот за независност на областа, започнува денеска во Каталонија.

Се очекува штрајкот да ги засегне речиси сите економски сектори, а како најзабележлив ќе биде протестот во транспортот. Метрото на Барселона нема да работи од 09:30 до 18:00 часот по локално време, се очекуваат нарушувања во возниот ред на јавниот превоз, нема да има многу таксисти, откажани се над 150 возови на меѓународни линии, а аеродромите најавија 24-часовна работа со минимум капацитет.

Во штрајк ќе бидат и неколку културни институции, јавни универзитети и Музејот на современа уметност, како и две концертни сали. Владините институции на Каталонија, исто така, го поддржаа штрајкот. Но, информираа дека ќе ги извршуваат само услугите кои се од витално значење за граѓаните. Ова ќе влијае и врз администрацијата и болниците, каде што медицинскиот персонал ќе биде вклучен во протестните акции.

Некои големи компании сепак нема да се приклучат на протестите. Фабриката за производство на автомобили „Сеат“ ќе работи вообичаено, како и продавниците на повеќето меѓународни брендови и големите банки. Фудбалскиот клуб „Барселона“ исто така ќе стапи во штрајк и ниту една категорија фудбалери нема да одржи тренинг.

„ФК ‘Барселона’ се приклучува на движењето за демократија и затоа клубот ќе биде затворен до вторник“, е објавено на официјалниот твитер-профил на ФК „Барселона“.

Каталонскиот клуб одлучи да им даде поддршка на своите сограѓани кои во неделата гласаа на референдум за независност на Каталонија. Барселона од безбедносни причини донесе одлука вчерашниот дуел со Лас Палмас да го одигра пред празни трибини.

Обединетите нации повикаа на непристрасна истрага за насилството во Каталонија, каде полицијата се обиде со сила да го спречи одржувањето на референдум за независност.

„Длабоко сум вознемирен од насилството во Каталонија во неделата. Имајќи предвид дека стотици лица се повредени, ги повикувам шпанските власти да обезбедат детална, независна и непристрасна истрага за сите акти на насилство. Полициската реакција мора во секое време да биде пропорционална“, изјави високиот комесар за човекови права на ОН, Зеид Раад ал Хусеин.

Граѓаните гласаа „за“ и Каталонија има право на независност, објавија каталонските власти