/Прочитано:

664

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во официјална посета на Република Македонија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пристигна во дводневна официјална посета на Република Македонија. Генералниот секретар Столтенберг и високата делегација на НАТО за време на посетата ќе остварат средби со државниот врв на Република Македонија, како и со лидерите на дел од партиите застапени во Собранието на Република Македонија.

Официјалниот дел од официјалната посета на генералниот секретар Столтенберг и делегацијата на НАТО започнува со средбата со министерот за надворешни работи во Владата на Република Македонија, Никола Димитров, по што ќе следува и пленарниот состанок меѓу делегацијата на Министерството за надворешни работи на Република Македонија и делегацијата на НАТО.

Програмата на официјалната посета на генералниот секретар Столтенберг потоа предвидува прием за гостите во Кабинетот на претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

Средба со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе одржи и заменик-претседателката на Владата на РМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

По настанот во Министерството за одбрана, генералниот секретар на НАТО и неговата делегација ќе ја посетат Канцеларијата за врски  на НАТО и потоа ќе се упатат кон Собранието на Република Македонија на средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ќе има свое обраќање пред пратениците во Собранието во 12:05 часот, по што ќе следуваат одделни средби со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и со претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Официјалната церемонија на пречек со највисоки државни и воени почести по повод официјалната посета на делегацијата на НАТО предводена од генералниот секретар, Јенс Столтенберг, во организација на Владата на РМ, ќе започне во 15:00 часот.

Високиот гостин на НАТО и делегацијата ќе ги пречека претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и висока владина делегација, по што ќе следува тет-а-тет средбата на премиерот Заев и генералниот секретар на НАТО Столтенберг.

Во делот на посетата на делегацијата на НАТО во Владата на РМ, програмата предвидува и пленарни разговори помеѓу владината делегација и делегацијата на НАТО.

M.В