/ Прочитано:

1.066

Геодетската комора пристапи кон Сојузот на стопански комори

Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи (Комората) пристапи во Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), со што таа е официјално 35. комора во Сојузот. Комората работи на застапување на интересите на овластените геодети и геодетски друштва, на заштита на јавните интереси и на јакнење и развој на геодетските работи како стручна професионална сфера. Претседателот на Сојузот, Данела Арсовска, и претседателот на Геодетската комора, Горан Јовановски, официјално потпишаа догoвор за пристапување во Сојузот на стопански комори на Македонија.

Арсовска истакна дека со пристапувањето на уште една комора во ССК за период од еден месец, Сојузот покажува дека е сериозен партнер на деловната заедница и силен застапник на интересите на професионални сфери, а во рамки на сеопфатен структуриран систем на коморско работење, во кој потребите на приватниот сектор се приоритет.

„Пристапувањето на Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи претставува воведување на уште еден професионален секторски сегмент од деловното работење во Сојузот и показател за релевантната репрезентативност на приватниот сектор. Овластените геодети и геодетските друштва претставуваат важен дел од процесот на решавање на имотноправни работи, чија пак стабилност е важна за реализација на идни инвестиции. Приватниот сектор е неопходно да биде двигател на економски раст и активен учесник во процесот на креирање и измени на законската регулатива и спроведувањето на стратешките економски политики. Во таа насока, потребно е да имаме и сериозен катастар на недвижности, кој ќе биде во функција на компаниите и граѓаните воопшто, и во иднина со Комората ќе работиме на унапредување и воведување на најнови практики и позитивни примери за вршење на геодетските работи и постапки за регистрирање на недвижности. Сојузот, како застапник на интересите на приватниот сектор, алармира за важноста на потребите на компаниите и спроведување на решенија за подобри услови за водење бизнис за да се стигне до економски раст“, истакна  Арсовска.

Претседателот на Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи, на официјалното пристапување во Сојузот, истакна дека во периодот што следува ќе се заложат за развој на сферата на геодетски работи и унапредување на регулативата која ги уредува нив.

„Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи е формирана во согласност со Законот за катастар на недвижности и има цел застапување на интересите на овластените геодети кои работат како трговци поединци и трговските друштва кои вршат геодетски работи, а врз основа на доверени јавни овластувања. Посветени сме на промоција на дејноста, која е директно врзана со повеќе економски гранки, едукација на компаниите, унапредување на законската регулатива и меѓународната соработка. Во остварувањето на овие цели, партнерството со Сојузот на стопански комори на Македонија е од исклучително значење и идната соработка ќе се темели на зајакнување на улогата на нашите членови во економскиот развој, а особено вмрежување и создавање партнерства со компаниите членови на Сојузот со цел решавање на нивните геодетски прашања и унапредување на дејноста. Иден предизвик е и организирањето на најпрестижната меѓународна конференција во нашата сфера, за која ние ќе бидеме домаќини во април 2020 година”, изјави Јовановски.

Сојузот на стопански комори на Македонија е најголемата национална деловна организација со 35 стопански комори, секторски, билатерални и регионални и со над 30 групации, здруженија и асоцијации.

М.В