/ Прочитано:

1.873

Германија ем има закони за сè и сешто, ем закони на Хитлер што сè уште важат

Во Германија има закони за сенешто, ќе си рече странецот, гледајќи ја отстрана најмоќната економија во Европа. Она што тој не го знае, всушност, е дека голем број германски закони сè уште ги чуваат своите корени во најмрачниот понор на германската историја: националсоцијализмот на Хитлер. Најеклатантниот пример е во Германскиот кривичен законик: одредбите што се однесуваат на убиството не опишуваат точно кога некое дело треба да се смета за убиство, туку го дефинираат типот на убиецот преку морални сфаќања скроени до милиметар според расистичката типологија на идеолошки напоените нацисти. Нацистичката идеологија што провејува низ германските закони, денес не игра улога во пошироката правна практика, но во голема мера ја оптоварува адвокатурата со својата неопходност од претпазливо толкување. 

Германска судница од времето на нацизмот

Како што би рекол странецот, во Германија има закони за сè и сешто или, подобро кажано, германската темелност не оставила ниту еден случај што не е правно уреден во тамошното законодавство. Она што странците, всушност, не го знаат е дека корените на многубројни закони сè уште црпат елан од најмрачниот понор на германската историја: Хитлеровиот националсоцијализам. Мноштво акти донесени од 1933 година, кога Адолф Хитлер доаѓа на власт, сè до 1945 година, кога завршува Втората светска војна, го преживеаја нацизмот и до ден-денес се применуваат при „делењето“ правда во модерна Германија. Сојузничките велесили во голема мера ги отстраниле најспорните и најсвирепите нацистички закони, но со текот на времето, од прагматични причини, се откажале од потемелен пристап кон реконструирањето на германското законодавство.

Најеклатантниот пример се наоѓа во Германскиот кривичен законик. Поголем дел од него доживувал измени и корекции во изминатите децении, но одредбите што се однесуваат на убиството како кривично дело досега не се нашле на отворен претрес пред германскиот парламент: членот 211 (квалифицирано убиство) и членот 212 (убиство на миг). Обата потекнуваат од 1941 година. Проблемот: во нив не се опишува точно кога некое дело треба да се смета за убиство, туку преку морални сфаќања се одредува типот на човекот-убиец. Така, во членот 211 се наведуваат низа мотиви за убиство, почнувајќи со уводот: „Убиец е оној што…“. Mинистерот за правда, Хајко Мас, поведувајќи иницијатива за менување на овие одредби, појаснува дека се работи за стегната претстава на убиецот што до милиметар била наместена да одговара на расистичката типологија на идеолошки напоените нацисти. 

Необичен впечаток остава и Законот за исчезнатите лица, кој датира од 4 јули 1939 година. Датумот на носењето на Законот — само два месеца пред Германија да го означи почетокот на Втората светската војна со нападот врз Полска — покажува колку нацистичка Германија била прецизна во вградувањето на својата идеологија, вклучувајќи го и Холокаустот, во сите пори на општественото живеење. Нацистичките правници, во духот на германската точност и на неспоредливата темелност, не дозволиле последиците од системската тиранија да останат нерегулирани пред очите на граѓанството. Всушност, имајќи предвид дека меѓу војниците на „теренот на честа“ ќе паднат жртви во името на татковината, но и поради усмртувањето на депортираните еврејски граѓани, државата морала да изнајде ефикасен начин за прогласување „исчезнати“ лица.

Дотолку поинтересна е состојбата со патничкиот превоз во земјата. Имено, во Германија не постоеја меѓуградски автобуски линии, како низ другите земји во Европа, сè до јануари 2013 година. Законот за патничкиот превоз, којшто беше во сила до пред само една година, бил донесен под власта на Хитлер во 1934 година, овозможувајќи ѝ неприкосновен монопол на државната железница. Со ограничувањето на конкуренцијата, на оние линии каде што железницата веќе имала воспоставено возни врски, ниедно друго правно лице не смеело да врши превоз на патници. Законот, претходно, еднаш бил изменет и дополнет во 1961 година, за време на поделбата, кога небото над Источна Германија било забрането за западногерманските авиони, па морало да се изнајде начин за обезбедување превоз на патници од и до Западен Берлин, но „забраната“ на конкуренцијата и натаму останала полноважна.

Германскиот кривичен законик

По завршувањето на војната биле поведени опсежни дискусии за искоренување на сите законски норми воспоставени во времето на Хитлер. Сепак, проблемот со јавните расправи било тоа што тие не се воделе меѓу правниците ами меѓу политичарите, бидејќи поголемиот дел од правниците самите биле дел од нацистичкото правосудство. Сојузничките велесили во голема мера ги отстраниле или ги коригирале најспорните и најсвирепите нацистички закони, но со текот на времето, од прагматични причини, се откажале од потемелен пристап кон реконструирањето на германското законодавство. Ова особено важи за северните покраини, кои по капитулацијата на Хитлер се ставени под административна контрола на Британија и на Америка. Русите и Французите, коишто презеле повеќе зони на исток и на југ, биле подрастични во постапката на менувањето.

За разлика од приодот на сојузниците, при обединувањето на Западна и Источна Германија во 1990 година, Германците направиле далеку порадикален рез во легислативата: во договорот за државното обединување стои дека правото на Истокот, т.е. на поранешната Германската Демократска Република, кое во сплетот на околностите било под силно социјалистичко влијание на Советскиот Сојуз, целосно ќе се елиминира. Така, додека некои законски текстови од времето на нацизмот од идеолошки гледен агол останале непрочистени, но и натаму полноважни, од законите на ГДР останало единствено она што тогашните политичари од Западна Германија решиле експлицитно да го преземат и го вградат во правниот корпус на Сојузна Република Германија, како што ја познаваме денес, но тоа било сосема малку. 

Нацистичката идеологија што провејува низ германските закони, денес не игра улога во пошироката правна практика. Ваквите закони немаат ниту симболичка ниту практична важност за мнозинството адвокати, но за нив е неприфатливо тоа што, пред да преминат на обработка на случајот, прво мора да истолкуваат дали релевантните членови се во согласност со Уставот на СР Германија усвоен во 1949 година. Под ваквиот товар, во правничките кругови сè повеќе се потенцира неопходноста од ослободување на дословниот текст на Кривичниот законик од какви било врски со идеологијата на националсоцијализмот, со цел да се избегнат натамошни проблеми и додатни компликации. Иницијативата на министерот за правда веќе добива одек во јавноста, а следниот потег ќе биде отворен претрес во парламентот.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 10.2.2014