/ Прочитано:

2.557

Германската адвокатска комора — меѓународен велеиграч и адвокат на адвокатите

Германската адвокатска комора, основана во деветнаесеттиот век, е единствениот застапник на интересите на германското адвокатско милје што брои околу 67 илјади членови. Мотото под кое се јавува — адвокат на адвокатите — е вистински одраз на нејзиното влијание врз носењето одлуки како во Сојузна Република Германија така и во Европската унија. Потпретседателството на Комората тврди дека тамошниот пазар на правни услуги е високодоходен како никогаш досега, но истовремено го следи и многу позаострена конкуренција. Оттаму предвидуваат дека разновидноста на адвокатските канцеларии брзо ќе се проширува додека монополот на адвокатите во одредени области ќе се намалува. Технолошкиот развој ќе стане главна движечка сила на адвокатурата, а од адвокатот на иднината ќе се очекуваат изразити претприемнички вештини. 

Германската адвокатска комора, основана во 1871 година, е единствениот застапник на интересите на германското адвокатско милје како во домашните граници така и на глобално рамниште, претставувајќи ги сите слободно здружени адвокати. Нејзината мисија се огледа во постојаното негување и во унапредувањето на севкупниот професионален и економски интерес на адвокатите, со цел да придонесе кон зајакнувањето на уставниот правен поредок и особено кон почитувањето на основните човекови права. Во иста мера, таа настојува на засилено учество на граѓаните во развивањето на правото, притоа залагајќи се за рамноправност помеѓу мажот и жената во кој било општествен контекст.

Сложениот состав на членството на Германската адвокатска комора е силен одраз на комплексното државно уредување на сојузната република и на нејзината регионална разноликост. Комората вбројува вкупно 256 адвокатски здруженија регистрирани во Германија и по едно здружение од Велика Британија, Италија, Грција, Португалија, Бразил, Шпанија, Турција, Полска, како и две здруженија од Франција. Преку месните здруженија, Комората обединува околу 67 илјади адвокати. Црпејќи ја својата сила од месните и од покраинските адвокатски здруженија, но и од своите специјализирани работни групи, таа во голема мера ја отсликува важноста на регионалната обоеност на државата и намерува на континуиран професионален дијалог.

Гарантирање на применливоста на законите настрана од какви било двојни стандарди

Членството на Комората цврсто стои на убедувањето дека адвокатите имаат постојана потреба од комуникација, од соработка, од стручна надградба и од нови поттици за размислување во врска со државноправните феномени. Форум за остварување на овие професионални потреби овозможуваат вкупно 29 работни групи востановени во самата комора. Тие не само што посредуваат со стручното знаење на повеќе правни мегдани, туку и овозможуваат непречена размена на мислења меѓу колегите од одредена правна област. Широкиот спектар ангажмани на работните групи поаѓа од специјалистички симпозиуми и стручни предавања, преку издавање печатен материјал и електронски билтен, сè до самостојно водење на односите со јавноста.

Утврдена како политички и верски неутрална организација, Германската адвокатска комора не стои само во служба на адвокатите туку и на самото општество, внимателно следејќи го развојот на германскиот правен поредок. Преку своите 35 законодавни комисии, коишто работат во сите области на правото, Комората секојдневно се изјаснува за поднесените предлог-закони на национално ниво, како и за доставените нацрт-директиви во институциите на Европската унија. Нејзините ставови имаат сериозно влијание врз носењето одлуки во Републиката и во Унијата, внесувајќи со тоа државноправни мерила и практично адвокатско искуство во законодавството, со цел да се избегнат какви било двојни стандарди и да се гарантира применливоста на законите.

Пазарот на правни услуги високодоходен, но и сè повеќе конкурентен

Мошне битен сегмент во дејствувањето на Германската адвокатска комора е следењето на пазарните трендови. За членството и, воопшто, за самата адвокатура е од неизмерно значење да се предвидуваат и, ако е можно, да се проектираат ефектите на економскиот, демографскиот, општествениот и на технолошкиот развој врз пазарот на правни услуги во следните десет до дваесет години. За разлика од некои други бранши, потпретседателството на Комората тврди дека германскиот пазар на правни услуги не претрпел негативни последици од неодамнешната економско-финансиска криза. Оттаму велат оти побарувачката на адвокатски услуги во Републиката воопшто не стивнала, со што и приходите во браншата останале стабилни.

„Актуелно се бележи засилена активност во информатичкото право и во правото за заштита на интелектуалната сопственост наспроти стандардната популарност на финансиското, банкарското, социјалното, земјоделското и на даночното право. Во последниве десет години сведочиме за сè поголемиот број нови адвокатски канцелари што се отвораат низ целата земја. Фактот што моментно има над 54 илјади адвокатски канцеларии и друштва покажува дека и во оваа област се заостри конкуренцијата. Ваквите услови го ставаат адвокатот под притисок да работи на видливоста на својата дејност, така што развивањето конкурентни стратегии и преземањето маркетиншки мерки се покажуваат неопходни“, потцртуваат во дописот за „Академик“ од Германската адвокатска комора.

Каква адвокатура ќе дочека Германија за дваесет години?

Во едно од своите неодамнешни истражувања, Германската адвокатска комора изразува увереност дека адвокатурата е наполно способна да развие и да примени стратегии за справување со предизвиците на иднината. Сепак, неодминливо се препознало оти извесен дел од адвокатската фела има кусок од свест за идентификување на новите предизвици. Додатно на тоа се наметнал следниов впечаток: многумина адвокати сметаат оти временскиот период од десет до дваесет години отвора доволно голем простор за преземање соодветни чекори. Наспроти ваквото верување, Комората укажува дека просторот за дејствување станува сè помал додека притисокот за дејствување рапидно се наголемува. Со нејзините предвидувања, сепак, ништо не ѝ се остава на случајноста.

„Освен заострената конкуренција, релјефот го обележуваат уште неколку значајни промени: разновидноста на адвокатските канцеларии ќе се проширува; монополот на адвокатите во определени области постепено ќе се намалува; технолошкиот развој ќе стане движечка сила на адвокатурата, менувајќи ги работните процеси и навиките; работната средина, дочекувајќи адвокати со мигрантско потекло и сè поголем број жени-адвокати, ќе стане многу похетерогена. Според овие промени, успешниот адвокат на иднината мора да покаже претприемнички способности, да направи бренд од себе, да се вмрежува со колегите и со другите деловни партнери, да гради доверба со сиот кадар во својата канцеларија заради поголема ефикасност и, најпосле, да ги вгради новите технологии во секојдневната работа“, порачуваат од Комората.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 23.01.2014