Гласаат затворениците, раселените и немоќните лица
Сабота, 7 април 2013 – Денеска гласаат затворениците, болните и немоќните, лицата кои се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и внатрешно раселените лица. Право на глас во вториот круг имаат 988 затвореници и 73 раселени лица.
Гласањето за избор на градоначалник во втор круг ќе се одвива во 29 општини и во Градот Скопје. Право на глас имаат еден милион 103 илјади и 175 граѓани на 1.614 избирачки места.
Втор круг гласање ќе има во Арачиново, Берово, Битола, Богданци, Брвеница, Бутел, Велес, Врапчиште, Гостивар, Дебарца, Делчево, Ѓорче Петров, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Карпош, Кочани, Куманово, Лозово, Могила, Ресен, Старо Нагоричане, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Центар, Чаир, Чешиново-Облешево и Градот Скопје.
Првиот круг ќе се прегласува на избирачките места 1727, 1730 и 1734 во Струмица, каде има вкупно 3.255 гласачи и на избирачкото место 1.473 во Општина Долнени.
Во Градот Скопје на 536 избирачки места право на глас, според избирачкиот список, имаат 444.259 лица.
Гласањето започна во 7 часот, а завршува во 19 часот.