/ Прочитано:

898

Гласањето заврши: Висок одзив пропратен со низа нерегуларности, но без посериозни инциденти

Недела 24 март 2013 – Избирачките места на кои граѓаните на Република Македонија можеа да гласаат на денешните локални избори се затворија во 19 часот. 

Граѓаните избираа градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје и тоа меѓу 350 кандидати за градоначалници и 480 листи за советници. На 2.976 гласачки места правото на глас можеа да го остварат 1.743.403 избирачи.

Според последните податоци што ги објави ДИК, одѕивот до 17 часот беше 57,57 отсто односно на гласање излегле 1.001.753 граѓани.

Денешните избори, како што оцени ДИК, беа мирни, фер и демократски.

Низа нерегуларности како семејно гласање, граѓани кои не биле впишани во избирачкиот список, агитирање при изборен молк, регистрира граѓанската асоцијација МОСТ.  Тие имаа и најголем број набљудувачи на овие избори или околу 3 200, број со кој се покриваат околу 50 проценти од гласачките места во Република Македонија, како и 50 проценти од гласачките места во рамките на секоја општина.

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) кој во соработка со Институтот за демократија (ИДСЦС), го спроведува проектот „Мојот избор“, за следење на локалните избори 2013 година, соопшти дека изборниот процес мина главно во мирна атмосфера и со висок одзив на гласачите. И тие укажаа на извесни неправилности како семејното гласање, обидите за гласање за друг, некористење на спреј и пристрасно однесување на членови на избирачки одбори.  Од граѓанската иницијатива „Цивил, која имаше 140 статични набљудувачи и мобилни екипи, посочија дека имало повеќе случаи на агитирање на партиските активисти за време на изборите како и поткуп за гласачите.

Според МВР, Изборите се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, без ниту еден посериозен инцидент.

Записниците и другиот изборен материјал избирачките одбори го доставуваат до ОИК во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. ДИК првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Петтите локални избори по независноста на Македонија ги следеа 8.379 домашни и 410 странски набљудувачи. ОБСЕ/ОДИХР утре попладне ќе го објави прелиминарниот извештај за текот и регуларноста на денешното гласање на локалните избори.