Глобална патентска битка: Самсунг не го прекршил патентското право на Епл, одлучи судот во Токио
Петок, 31 август 2012 – Глобалната судска битка на двата гиганта продолжува, се заплетува, но некаде и расплетува. По САД, Јужна Кореја, Австралија, Германија пресуда донесе и Окружниот суд во Токио, Јапонија. Според пресудата, Самсунг не го прекршил патентското право на Епл.
Јужнокорејската компанија ја поздрави одлуката на судот според која нивната технологија што овозможува медија плеери и персонални комјутери да споделуваат музика и други содржини не ги повредува правата кои произлегуваат од патенти на Епл. Како што велат, ваквата одлука само ја потврдува нивната долгогодишна позиција на овој пазар.
„Ние ќе продолжиме да им нудиме високо иновативни производи на потрошувачите и ќе продолжиме со нашиот допринос во мобилната индустрија“, наведува компанијата во соопштението за медиуми.
Се уште не се знае дали Епл ќе ја обжали оваа пресуда.
Кој ќе доминира на пазарот вреден 219 милијарди долари?
Епл и Самсунг судските битки ги водат на 4 континети и тоа во: САД, Јужна Кореjа, Јапонија, Германија, Холандија, Британија, Франција и Австралија. Секаде е истото, се обвинуваат меѓусебно за копирање на производи, дизајн и технологија, борејќи се притоа за доминација на пазарот на смарт телефони, што според „Блумберг“ се проценува на 219 милијарди долари.
Најголемата победа, Епл ја издвојува на домашен терен, во федералниот суд во Сан Хозе, Калифорнија. Поротниците кои беа земени од срцето на силиконската долина, одлучија дека Самсунг треба да му плати на Епл оштета од 1,05 милијарда долари за прекршување на повеќе патенти. Јужнокорејската компанија е соочена и со можност за забрана за продажба на едни од своите најпопуларни производи на американскиот пазар.
Во меѓувреме, Епл останува еден од најголемите потрошувачи на Самсунг, заземајќи 9 % од вкупната продажба на Самсунг Електроникс. Но се чини дека меѓусебните кодошења на судските процеси, не им пречат во деловната соработка.
>> Судот во Сеул ја забрани продажбата на некои од производите на Епл и Самсунг