/ Прочитано:

2.498

Глобите за непочитувањето на сообраќајните правила и прописи кои се гаранција за безбеден сообраќај

Сите ние секојдневно сме учесници во сообраќајот и секојдневно сме сведоци на голем број негативни примери на непрописно и опасно учество во сообраќајот, непочитување на сообраќајните правила и прописи, непочитување на поставената сообраќајна сигнализација, ниско ниво на култура, етика, толеранција и ниско ниво на меѓусебно почитување помеѓу учесниците во сообраќајот, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Ваквата состојба резултира со голем број сообраќајни незгоди и со голем број загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.

Анкетите на РСБСП покажуваат дека околу 50% од возачите не секогаш ги почитуваат сообраќајните знаци и поставената сообраќајна сигнализација.

Во согласност со тоа, РСБСП  со потсетување до возачите за дел од одредбите во ЗБСП кои се особено важни за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот:

  • На патиштата во Република Северна Македонија задолжително е да се користат светла за осветлување на патот, и дење и ноќе. Непочитувањето на оваа законска одредба се санкционира со парична казна (глоба) од 15 евра (дење), односно 35 евра (ноќе).
  • Возачот секогаш е должен да ја прилагоди брзината според условите во кои се одвива сообраќајот и според состојбата на патот. Брзината на движење на патиштата во Република Северна Македонија е ограничена, и тоа:

–     130 км/час на автопат;

–     110 км/час на пат резервиран за моторни возила;

–     90 км/час на останатите патишта;

–     најголема дозволена брзина во населено место е  50 км/час.

Непочитувањето на оваа законска одредба, во зависност од големината на пречекорувањето, се санкционира со парична глоба од  10 до 400 евра.

  • Влечење неисправно возило на јавен пат мора да се врши на пропишан начин, односно со јаже, со крута врска, и потпрено или натоварено на влечното возило.

Непочитување на оваа законска одредба се санкционира со парична глоба од 45 евра.

  • На автопат и на пат резервиран за моторни возила забрането е влечење неисправно возило, освен ако неисправноста е настаната на тој пат. Mеѓутоа, влечењето ќе се врши само до првото исклучување од автопатот или од патот резервиран за сообраќај на моторни возила.
  • Возилото што влече неисправно возило не смее да се движи со брзина поголема од 40 км/час.
  • Во Република Северна Македонија користењето сигурносен појас во возилото е задолжително не само за возачот, туку и за лицата кои се превезуваат во возилото. Употребата на појасот е задолжителна за патниците на  сите седишта кај кои фабрички е вграден сигурносен појас.

За непочитување на оваа законска обврска предвидена е парична глоба во износ од 40 евра за возачот, односно 50 евра за лицата кои се превезуваат во возилото.

  • Дозволено количество алкохол во крвта кај возачите изнесува 0,5 промили. Кај професионалните возачи и возачите почетници не е дозволено никакво количество алкохол во крвта (0,0 промили).

Глобата за непочитување на оваа законска обврска изнесува од 225 до 375 евра.

  • На предното седиште во возилото не смее да се превезуваат деца до 12-годишна возраст и лица кои се под дејство на алкохол.

За непочитување на оваа одредба од Законот предвидена е парична глоба во износ од 35 евра.

  • Возачот додека го управува возилото не смее да користи мобилен телефон.

За непочитување на оваа законска одредба предвидена е парична глоба во износ од 40 евра.

  • Возачот кој учествува во сообраќајна незгода во која има загинато или повредено лице или настанала голема материјална штета не смее да го напушти местото на незгодата, освен ако укажува помош на лицата настрадани во незгодата.

За непочитување на оваа законска одредба пропишана е парична глоба во износ од 250 евра.

  • Возачот кој ќе се затекне или ќе наиде на место на кое е случена сообраќајна незгода, должен е на барање на полицискиот службеник да го превезе лицето повредено во сообраќајна незгода до најблиската здравствена установа.

За непочитување на оваа законска одредба предвидена е парична глоба во износ од 250 евра.

  • Дете помало од 5 (пет) години на задното седиште од возилото смее да се превезува во поставено посебно детско седиште кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин.

На предното седиште од возилото смее да се превезува дете до 2 (две) години, ако возилото нема заштитно воздушно перниче или ако воздушното заштитно перниче е исклучено и ако детето се превезува во посебно детско седиште поставено спротивно од правецот на движење на возилото, при што истото е прицврстено на седиштето на возилото со помош на сигурносен појас со три точки на поврзување.

За непочитување на оваа законска одредба предвидена е парична глоба во износ од 35 евра.

РСБСП со апел: Возете одговорно и внимателно, почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и  уживајте во патувањето и пристигнете безбедно на саканата дестинација.

М.В