Глобите за работодавачите во новите законски измени за минималната плата
Собранието ги изгласа измените на Законот за минимална плата. Висината на минималната плата изнесува 14.500 денари во нето-износ, започнувајќи со исплатата на платата за месец декември 2019 година заклучно со исплатата на платата за месец март 2020 година, се пропишува во законските измени, чија цел меѓу другото, е и усогласување со Законот за прекршоците и со Законот за инспекциски надзор.
Според новите законски измени, ако при вршењето на инспекцискиот надзор инспекторот за труд утврди дека субјектот на инспекциски надзор постапил спротивно на законските одредби за исплата на законски утврдената минимална плата, должен е за сторената неправилност и сторениот прекршок да состави записник согласно закон и со решение на субјектот на инспекциски надзор да му изрече опомена како инспекциска мерка и да определи рок во кој е должен да ги отстрани неправилностите и недостатоците.
Доколку по истекот на рокот определен при изрекувањето на опомената инспекторот утврди дека неправилностите и недостатоците сѐ уште не се отстранети, со решение ќе му нареди на сторителот на прекршокот на вработените да им исплати минимална плата и придонеси од плата согласно закон и дава предлог за порамнување со издавање на прекршочен платен налог на одговорното лице во правното лице или од него овластено лице согласно Законот за прекршоците. Ако работодавачот не го прифати прекршочниот платен налог, се пропишува понатаму во измените, инспекторот на труд ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до надлежен орган.
Ако работодавачот го повтори прекршокот за неисплаќање на минималната плата во рок од една година од денот на сторувањето на прекршокот, инспекторот на труд со решение ќе ја забрани работата на работодавачот во работните простории, работниот простор или на друг соодветен начин во траење од 15 дена, ќе му нареди на работодавачот на вработените да им исплати минимална плата и придонеси од плата во согласност со закон и ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка.
„За време на забраната за работа, работодавачот е должен на работниците да им исплати минимална плата и придонеси од минимална плата согласно закон. По истекот на забраната за работа, работодавачот не смее да го намали бројот на вработените во наредните три месеци“, се пропишува во законските измени, во кои е предвидена и можност за жалба од страна на работодавачот во врска со решението на Инспекторатот.
Глоба во износ од 300 до 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот на микро и мал работодавач правно лице, глоба во износ од 500 до 600 евра за среден работодавач правно лице, глоба во износ од 800 до 1000 евра во денарска противвредност за голем работодавач правно лице, ако на вработените не им исплати минимална плата и придонеси од плата во согласност со новите законски измени
Исто така, во однос на овој прекршок, глоба во износ од 150 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице кај микро и мал работодавач, 300 евра во денарска противвредност кај среден работодавач и 400 евра во денарска противвредност кај голем работодавач.
Глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за овој прекршокот и на работодавач физичко лице, а глоба во износ од 200 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот и на службеното лице.
Законот за зголемување на минималната плата пред Комисијата за труд
Законот за зголемување на минималната плата на собраниска седница по скратена постапка
„Фајнанс тинк“ за предложениот пораст на минималната плата
М.В