Годинешен состанок на претставниците на парламентарните комисии за одбрана и за безбедност на земјите од Југоисточна Европа
Собраниската Комисија за одбрана и безбедност е домаќин на Годинешниот состанок на Центарот за безбедност и соработка, на кој се присутни претставници на комитетите за безбедност и соработка на парламентите од државите на Југоисточна Европа.
Овој центар е формиран во 2000 година, како регионален центар за контрола и верификација на вооружувањето и помош во имплементацијата и во суштина е дел од Пактот за стабилност.
„Во текот на својот развој, секако под влијание на промената на безбедносната состојба во Југоисточна Европа, се менуваше и улогата на центарот. Така, во 2010 година е потпишан нов договор со кој центарот добива статус на меѓународна организација чија мисија е унапредување на дијалогот и соработката за безбедносните прашања во Југоисточна Европа низ партнерство помеѓу земјите од регионот и нивните меѓународни партнери. Втора, исто толку значајна функција која во изминатиов период успешно ја работеше Центарот за безбедност и соработка РАКВИАК, е јакнењето на парламентарната контрола врз вооружените и безбедносните системи, што е еден од основните принципи на парламентарната демократија. Сето ова го споменувам бидејќи како пратеник и како министер за одбрана, имав високоразвиена соработка со овој центар, а преку него или заедно со него, и со други меѓународни владини и невладини организации и институции, како што се: НАТО, ЕУ, ОБСЕ, па сè до швајцарскиот Центар за демократска контрола на вооружените сили ДИКАФ и други“, истакна на состанокот претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери.
Министерот за внатрешни работи на денешниот состанок рече дека сложените и меѓусебно вмрежени облици на организиран и сериозен криминал со кои се соочуваме претставуваат една од најголемите закани за просперитетот, владеењето на правото, развојот на современото општество и севкупната стабилност на регионот.
Во борбата против комплексните и специфичните форми на криминал, потребно е да се согледаат сите нивни конкретни модалитети, појавните облици, обемот и последиците и следствено на тоа, да се проценат реалните закани кои може да се очекуваат во иднина.
Презентирајќи ги актуелните согледувања и активности од аспект на безбедноста и спроведувањето на законите, пред сè, во делот на посложените и посериозните облици на организиран криминал, министерот Спасовски, исто така, посебен акцент во своето обраќање стави и на терористичките закани.
„Република Македонија, во констелација на безбедносната состојба во регионот и пошироко, посебен акцент дава на борбата против тероризмот како моментална асиметрична закана, која е високо на агендата на службите кои го спроведуваат законот. Имајќи ја предвид поврзаноста на тероризмот со насилниот екстремизам, односно верската хетерогеност на населението во Р Македонија, сосема јасно може да се препознае опасноста од етнички мотивиран насилен екстремизам што води кон тероризам. Исто така, информатичко-комуникациските технологии, особено социјалните мрежи, форуми и сајтови, претставуваат значајна поддршка на тероризмот и насилниот екстремизам“, потенцираше Спасовски.
Според Спасовски, сложеноста на спроведувањето истраги за кривични дела од областа на организираниот криминал и тероризмот ја наметнува потребата за воспоставување поцврста регионална соработка и приближување на воспоставените стандарди и практики.
М.В