/ Прочитано:

1.377

Годишен извештај и препораки на Агенцијата за администрација

Годишниот извештај ја отсликува работата на Агенцијата за администрација во сите сегменти на нејзините законски надлежности и ги презентира резултатите во 2018 година. Најголемо внимание во Извештајот се посветува на реализацијата на законските надлежности на Агенцијата за администрација во 2018 година.

„Имено, Агенцијата во 2018 година од вкупно примени 503 барања за објавување на јавни огласи од страна на институциите во јавниот сектор, објави вкупно 418 јавни огласи за вработување. За останатите примени барања беше запрена постапката, беа ставени во мирување или одбиени, а за дел беа објавени јавни огласи во 2019 година. Во истиот период, примени се 774 жалби/приговори од административни службеници, кои се решени во законски утврдениот рок“, се вели во Извештајот.

Извештајот содржи и податоци за реализација на останатите законски надлежности на Агенцијата и дава преглед на информации за нејзиниот статус, раководството, надлежностите, организационата структура, активности за подобрување на квалитетот во работењето, соработка со други институции и меѓународна соработка, буџетот, завршна сметка и финансирање.

На крајот, во Извештајот се нотирани заклучоци за успешното работење, но и за тешкотиите со кои се соочи Агенцијата во 2018 година, особено во однос на примената на Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и посебните закони и подзаконски акти. Заради надминување на тешкотиите, дадени се препораки, чијашто реализација би придонела за зголемување на ефикасноста и ефективноста на работењето.

Препораки на Агенцијата за администрација:

  • Надлежните органи да преземат мерки за соодветни измени и дополнувања на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници и подзаконските акти коишто произлегуваат од истите, со цел поефикасно спроведување на постапките за вработување на административни службеници и заштита на правата на административните службеници.
  • Надлежните органи да преземат мерки за усогласување на Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници со посебните закони, со цел создавање на единствен систем за селекција на кандидати за вработување на административни службеници и заштита на правата на административните службеници.
  • Министерството за информатичко општество и администрација да организира обуки за вработените во институциите од јавниот сектор кои се членови на Комисиите за селекција на кандидати за вработување, со акцент на спроведување на фаза 1 – административна селекција и фаза 3 – интервју.
  • Министерството за образование и наука да ја ажурира Класификацијата на научно-истражувачките подрачја, полиња и области според меѓународната Фраскатиева класификација.
  • Првостепените органи благовремено да ги доставуваат потребните документи со цел поефикасно и поефективно спроведување на постапките по жалби и приговори на административните службеници.
  • Државното правобранителство на Република Северна Македонија редовно да ги доставува до Агенцијата правосилните одлуки на надлежните судови по поведени судски постапки против одлуки на Комисијата за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен заради комплетна анализа на одлуките, а во насока на подобрување на заштитата на правата на административните службеници.
  • Зајакнување на соработката на Агенцијата со институциите од јавниот сектор, како и интензивирање на меѓународната соработка, особено со институции со кои Агенцијата има склучено меморандуми за соработка, како и преку други форми, на пример TAIEX, склучување проекти со меѓународни институции итн.

М.В