/Прочитано:

210

Годишен извештај на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос

Годишниот извештај за работата на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во 2018 година e на разгледување во Собранието.

Државната комисија е надлежна за решавање по жалби против решенија донесени во управна постапка во прв степен од страна на министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи. Надлежна е да одлучува и за прашања од областа на работните односи во втор степен за вработените во јавниот сектор, за кои согласно посебните закони е пропишана надлежноста за постапување.

„Во текот на 2018 година, односно од 13.7.2018 година до 18.10.2018 година Државната комисија не функционираше поради ненавремениот избор на составот на Комисијата бидејќи претходниот состав на Државната комисија беше разрешен на ден 13.7.2018 година, а новиот состав беше избран на ден 18.10.2018 година. Во овој период Државната комисија немаше овластен потписник за тековното функционирање на стручна служба на Државната комисија.

Овој период е период на застој во работата на Државната комисија бидејќи истата е колегијален орган и одлучува на седници со мнозинство од вкупниот број на членови. Разрешувањето на стариот состав, како и ненавременото именување на новиот состав на Комисијата, придонесе за застој во работата на Државната комисија, односно неможност за одлучување поради што за овој период Државната комисија нема решено ниту еден предмет.

Државната комисија по предметите постапува по хронолошки ред на поднесени и заведени жалби/приговори“, се посочува во извештајот.

Заостатоткот на предмети, се додава во извештајот, е резултат на ненавремено постапување по предмети кои биле примени/оформени и преземени од сите претходни владини второстепени комисии, од денот на формирање на Државната комисија, и кои се јавуваат како заостаток на нерешени предмети од претходните години.

Имено, во периодот пред разрешување на стариот состав на Државната комисија, односно од 1.1.2018 година до 13.7.2018 година, кога работела Државната комисија, биле примени вкупно 2.643 предмети, додека вкупно за цела година биле примени 4.328 предмети.

„Во Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во 2018 година примени се вкупно 4.328 предмети, од кои решени се 3.359 предмети, 710 предмети се административно пратени на доуредување до надлежен орган, или вкупно Државната комисија постапила по 4.069 предмети. Од примените предмети во 2018 година останеле вкупно 1.500 по кои Државната комисија не постапила до 31.12.2018 година. За периодот од именување на новиот состав на Државната комисија па сè до 31.12.2018 година Државната комисија има решено вкупно 1.166 предмети. Државната комисија од 1.1.2019 година до 21.3.2019 година постапила по уште 1.093 предмети“, се посочува во извештајот.

„Исто така мора да се напомене и податокот дека во Државната комисија во текот на месец декември 2018 година, во архивата беа пронајдени вкупно 124 предмети, кои се сметале за архивирани и истите не се дел од овие бројки погоре, а по истите предмети воопшто не било постапувано. Предметите се извадени од архива со службени белешки и се земени во работа веднаш“, се вели во извештајот.

М.В