/ Прочитано:

1.187

Годишен извештај на Државниот совет за превенција на детско престапништво

Годишниот извештај на ДС дава преглед на состојбата со правата на децата и детското престапништво на Република Северна Македонија во 2019 година, постигнатиот напредок во однос на препораките од претходниот извештај, клучните предизвици и насоки за нивно надминување. Во извештајот се содржани податоци за остварување на правaта на децата, нивната заштита и реализираните превентивни мерки од страна на институциите.

Извештајот, исто така, дава осврт на работата на ДС во текот на извештајната година и предлага решенија кои ќе ја подобрат неговата работа.

Во тековната година, ДС ги следеше и ги документираше состојбите врз основа на 32 стандардни индикатори, развиени според меѓународни стандарди, земајќи ги предвид националните приоритети и специфичности. Врз основа на добиените и анализирани податоци доставени од 78 институции во согласност со индикаторите во 2019 година може да се изведат определени согледувања:

  • процентот на деца во ризик продолжува да бележи тренд на зголемување и во текот на 2019 зголемен е за 20 % во однос на 2018 година;
  • се бележи намалување за 7 % на бројот на пријавени деца во судир со законот на популација од 100.000 деца;
  • процент на женски деца кои биле повикани во полициска станица бил највисок во својство на сведоци (35 %), а најнизок во својство на пријавени (14 %), при што се бележи зголемување на бројот на пријавени женски деца во 2019 година за 4 процентни поени во однос на 2018;
  • во некои сектори за внатрешни работи се бележи загрижувачки низок процент на деца повикани во ПС кои оствариле право на бранител, што во еден дел се должи на отсуство на ажурирани листи на адвокати обучени за деца, а во дел поради отсуство на механизми за навремен надомест на трошоците за адвокатот;
  • во 2019 година јавното обвинителство идентификувало најголем број деца жртви, значително е зголемен бројот на деца жртви коишто во 2019 година биле идентификувани во ЦСР, за разлика од значително намалениот број на деца жртви идентификувани во судовите во текот на оваа извештајна година;
  • разговорот со децата повикани во полициски станици, во кои има посебно опремени простории за разговор со деца (вкупно 8 простории на територија на државата), не секогаш се прават во тие простории;
  • во однос на примената на мерки на помош и заштита се бележи зголемување за високи 30 процентни поени во однос на 2018 година, при што се намалува бројот на мерки што се применуваат спрема едно дете од близу 4 мерки по дете, на 3 мерки по дете;
  • во последните три години постои тренд на намалување на примена на постапка за посредување во ЦСР;
  • ДС констатира дека во најголем број случаи се применуваат мерки/санкции кои не вклучуваат лишување од слобода на децата, што кореспондира со Законот за правда за деца;
  • останува ниска бројката на деца спрема кои е определена мерката притвор;
  • во 2019 година, по подолг период се бележат два случаи на изречена дисциплинска мерка – упатување во Центар за деца;
  • мерките на засилен надзор бележат благо зголемување во однос на 2018 година, а се забележува намалување на изречените заводски воспитни мерки;
  • казна затвор за деца била изречена спрема 3 (три) деца, сите од машки пол. Во 2019 година решение за условен отпуст не било донесено ниту отповикано за ниту едно дете;
  • се бележи тренд на намалување на изречената алтернативна мерка – условна осуда со заштитен надзор, додека условното прекинување на постапката и општокорисната работа воопшто не се изрекуваат;
  • судовите и јавните обвинителства во незначителна мера ги користат или воопшто не ги користат формите на ресторативна правда: медијација, примена на мерки на одвраќање и постапка за признавање на одговорноста и спогодување за висината на казната во постапките спрема деца како законска предвидена можност. Охрабрува што во 2019 година се бележат случаи на примена на медијацијата и од страна на јавните обвинителства и од страна на судовите, што влијае охрабрувачки, но тренд на намалување има примената на мерките на одвраќање во јавните обвинителства;
  • во 2019 се забележува и еден случај на примена на постапката за признавање на одговорноста и спогодување за висината на казната, што исто така треба да охрабри за почеста примена на оваа постапка, кога тоа го дозволуваат законските услови;
  • во 2019 година се зголемил бројот на деца што сториле прекршок, и тоа за 30 % во однос на 2018 година, при што доминираат деца од машки пол, а ¼ од децата се во старосната група помлади од 16 години, што особено загрижува;
  • примената на постапките за посредување при сторен прекршок бележи зголемување за 3 процентни поени, а нагорен тренд има и во однос на изречените прекршочни санкции, што во споредба со податоците во однос на постапката на посредување, според ДС укажува дека децата недоволно се упатуваат на постапка за посредување, со што недоволно се користат можностите што ги нуди ЗПД.
  • во 2019 година судовите не донеле ниту едно решение за обесштетување на деца жртви.

„Иако во 2019 година новиот објект на ВПД – Тетово не е ставен во функција, ДС во повеќе наврати укажа на потребата од преиспитување дали објектот во Волковија ги исполнува стандардите за извршување на мерката ВПД, укажувајќи дека овој објект треба да се гледа како преодно решение до пронаоѓање на соодветна локација, која според условите и критериумите ќе одговара на ВПД.

Клучниот предизвик идентификуван во изминатата година е неисполнувањето на законската обврска за формирање општински совети за превенција на детско престапништво во сите општини во РСМ и покрај законската обврска и казнената одредба што се пропиша во ЗПД. Во некои општини  воопшто не се формирани општински совети, во дел се формирани а не се активни, а во многу мал дел советите навистина се активни. Главниот проблем е во отсуство на финансиски средства за остварување на нивните активности во буџетите на локалната самоуправа.

Клучен предизвик се и условите за работа на ДС, особено нефункционирањето на административно-техничката поддршка од страна на Министерството за правда. ДС нема доделена просторија за работа која ги задоволува критериумите, не му е обезбедена соодветна техничка опрема“, се вели во извештајот.