/ Прочитано:

1.222

Годишен извештај на ДЗР: Во 2015 година издадени 700 препораки до државните институции

До денот на подготовката на Годишниот извештај за 2015 година, за 378 дадени препораки не е изминат законскиот рок за известување за преземените мерки. Од вкупно 322 препораки за кои рокот за добивање повратни информации за спроведување е изминат, 147 се целосно или делумно спроведени, односно спроведувањето е во тек, 38 препораки не се спроведени (поврзани со други надлежни органи/надворешни фактори, или несогласувања), а за 137 препораки не е доставен одговор, односно од субјектот не е добиена повратна информација за постапувањето по препораките.

Илустрација. многу документи

Државниот завод за ревизија до Собранието на Република Македонија го достави Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија за 2015 година.  Извештајот содржи општи податоци за Заводот, презентација на тековните работи кои се извршуваат во него, информации за буџетот, за расходите, за јавните набавки, за соработката со надлежни органи, за извршените ревизии, за ревизиските активности и издадените извештаи, како и информации за меѓународната соработка и транспарентноста на Државниот завод за ревизија.

Во 2015 година извршени се 53 ревизии, од кои 21 ревизија на регуларност, една тематска ревизија, 18 ревизии на успешност и 13 ревизии на успешност кои се однесуваат на системот на финансиско управување и контрола и внатрешна ревизија. Од извршените ревизии издадени се 79 ревизорски извештаи, од кои 47 извештаи за ревизија на регуларност, еден извештај од извршена тематска ревизија, 13 извештаи од ревизиите на системот на финансиско управување и контрола и внатрешна ревизија и 18 извештаи од извршена ревизија на успешност.

По извршените ревизии од Годишната програма за работа на ДЗР за 2015 година, Државниот завод за ревизија даде 700 препораки. До денот на подготовката на Годишниот извештај за 2015 година, за 378 дадени препораки не е изминат законскиот рок за известување за преземените мерки. Од вкупно 322 препораки за кои рокот за добивање повратни информации за спроведување е изминат, 147 се целосно или делумно спроведени, односно спроведувањето е во тек, 38 препораки не се спроведени (поврзани со други надлежни органи/надворешни фактори, или несогласувања), а за 137 препораки не е доставен одговор, односно од субјектот не е добиена повратна информација за постапувањето по препораките.

Со извршените ревизии во апелационите судови во Скопје, Битола и Штип, констатирани се состојби за чие надминување во наредниот период е потребно да се преземат активности, и тоа во делот на:

  • воспоставување целосен систем на внатрешни контроли и донесување на пишани процедури на сите нивоа во работењето, со што ќе се обезбеди ефикасен систем на контрола и ќе се зајакне управувањето со јавните средства;
  • склучување на договор со државните органи со кои се сместени во исти објекти со цел регулирање на меѓусебните права и обврски и соодветна распределба на трошоците;
  • целосно спроведување на пописот на средствата и обврските, како и осигурување на имотот на судовите;
  • доследна имплементација на законската регулатива и на подзаконските акти во делот на планирањето, спроведувањето и реализацијата на постапките за јавни набавки;
  • соодветно евидентирање на целокупната документација во деловодникот со цел доследна примена на одредбите пропишани со Законот за архивско работење и Уредбата за канцелариско и архивско работење.

Во однос на стратешките цели што треба да се реализираат во наредниот период, Државниот завод за ревизија достави предлог за твининг-проект под наслов „Понатамошно зајакнување на капацитетите и ефикасноста на Државниот завод за ревизија за вршење на државна ревизија“, кој ќе биде финансиран од ИПА-фондовите на ЕУ, a планирано е да започне во 2017 година. Како резултати на проектот, планирани се повеќе активности во насока на зајакнување на соработката на ДЗР со Собранието на Република Македонија, како и за изготвување на методологија и план за повеќегодишно планирање на ревизиите.

Државниот завод за ревизија соработува и со другите надлежни органи и во текот на 2015 година, а во рамките на реализацијата на Годишната програма за работата на Државниот завод за ревизија за 2015 година до Јавното обвинителство се доставени 6 ревизорски извештаи поради основано сомнение за сторен прекршок/кривично дело и еден ревизорски извештај до Државната комисија за спречување корупција.

Државниот завод за ревизија активно соработува со сите државни органи во насока на спречување и намалување на корупцијата, во рамките на Протоколот за соработка за превенција и репресија на корупцијата и судирот на интереси.