Годишен извештај на Јавното обвинителство: Постапувано е против 45.073 сторители на кривични дела
Согледувајќи ги податоците за предметното работење на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, вишите јавни обвинителства, основните јавни обвинителства и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, може да се заклучи дека во извештајната 2020 година во предметите постапувано е ажурно и стручно, се вели во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства во 2020 година.
Притоа, мора да се земе предвид дека Јавното обвинителство функцијата на кривично гонење на сторителите на кривични дела ја извршуваше непрекинато, во согласност со препораките и заклучоците на Владата на Република Северна Македонија за мерките за заштита против пандемијата од коронавирусот ковид-19.
Во согласност со задолжителното упатство на републичкиот јавен обвинител, итно се постапуваше по предметите за кривични дела со кои се загрозува здравјето на граѓаните, се посочува во извештајот на Обвинителството.
Во изминатата година е постапувано против вкупно 45.073 сторители на кривични дела, од кои новопримени кривични пријави се против 29.733 лица и 15.340 предмети кои останале незавршени од претходните години. Во текот на извештајната 2020 година основните јавни обвинителства решиле пријави против 18.559 лица или 54 % а останале во работа кривични пријави против 15.768 лица или 46 %, по кои се преземаат дејствија за прибавување податоци во врска со кривичната пријава.
„Од податоците во извештајот се утврдува дека јавните обвинителства, и покрај проблемите со кои се соочуваа, а особено со значително намалениот број на јавни обвинители, така што наместо систематизираните 258 места за јавни обвинители, функцијата ја извршуваа само 194, успеаја да го задржат совладувањето на приливот на кривичните пријави. Па така, и во оваа извештајна година се решени 54 % од вкупниот број на пријави, а на крајот на годината останале во работа кај јавните обвинители и другите државни органи 46 %, при што најголем број на незавршени предмети се евидентирани на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар и Вишото јавно обвинителство Скопје. И покрај перцепцијата во јавноста дека Јавното обвинителство многу често ја користи мерката притвор како мерка за обезбедување присуство на лица за непречено водење на кривичната постапка, податоците покажуваат дека во извештајната 2019 година оваа мерка е применета во 2,7 % од случаите или од вкупно 29.733 новопријавени лица мерката притвор е одредена само спрема 528 лица.
Значајно е да се напомене дека и во 2020 година продолжи примената на институтите од чл. 43 и чл. 44 од ЗКП и склучувањето предлог-спогодби помеѓу јавните обвинители и осомничените. Придобивките од користењето на спогодувањето и примената на одредбите од чл. 43 и чл. 44 од ЗКП, преку намалување на трошоците за водење на кривична постапка и ефективна и ефикасна кривична постапка со кратко времетраење укажуваат на оправданоста на заложбата на Јавното обвинителство на Република Македонија во иднина сѐ поголем број предмети да се решаваат на ваков начин. Од значење за извршување на функцијата определена со законите е побрзо пополнување на испразнетите места на јавните обвинители, особено во основните јавни обвинителства“, се нотира во извештајот.
Исто така, се додава во извештајот, треба да се пополнат испразнетите места за записничари и други административни кадри, а првенствено за зајакнување на капацитетите на истражните центри. Неопходно е да се надмине и проблемот со недостигот на потребните финансиски средства за работа на Обвинителството. Во таа насока, од неопходните средства во износ од 1.179.054,00 за работа на обвинителствата, колку што беа побарани во Предлог-пресметката, одобрени заедно со ребалансот на Буџетот беа вкупно парични средства во износ од 643.700.000,00 денари, или 48,49 %, кои не се доволни за обвинителствата непречено да ја извршуваат функцијата.
ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА РАБОТАТА НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВА ВО 2020 ГОДИНА
М.В