/ Прочитано:

2.115

Годишен извештај на Судскиот буџетски совет за реализацијата на судскиот буџет

Вкупниот буџет на судската власт за 2016 година изнесуваше 1.892.431.000 денари. Предлог-буџетското барање на судската власт за 2016 година изнесуваше 2.464.898.000 денари, што значи дека одобрените средства од буџетот за 2016 година не беа доволни за нормално и ефективно работење на единките корисници на судската власт, се вели во Извештајот за работата на Судскиот буџетски совет и реализацијата на судскиот буџет за 2016 година.

Судскиот буџет е дел од Буџетот на Република Македонија издвоен како посебен дел означен со судска власт. За вршење на работите во врска со судскиот буџет е задолжен Судскиот буџетски совет.

„Одобрениот буџет за 2016 година не беше доволен за обезбедување средства за потребите на судската власт. Одобрувањето на потребните средства е важно за да можат судовите да ги планираат своите активности и јавни набавки“, велат од Судскиот буџетски совет.

Поради недоволно обезбедени средства во буџетот на судската власт, истакнуваат од Советот, единките корисници на судската власт не се  во можност да постапат по одредени обврски кои се законски дефинирани, како што се: замена на компјутерската опрема во рок, во согласност со амортизираноста на опремата, доградба на софтверските програми од средства на судскиот буџет, дејствија што треба да се преземат за заштита на личните податоци во согласност со Законот за заштита на лични податоци и не се во можност да ги реализираат.

Исто така, поради недоволно обезбедени средства во буџетот на судската власт, не се извршени систематски прегледи на вработените во судската власт (освен Академијата за судии и јавни обвинители), не се обезбедени средства за набавка на опрема и оружје на судската полиција, не се врши редовно тековно одржување на различните системи на инсталации и други постројки во  судските згради и не беше извршено воведување на системи за управување со квалитет во работењето на единките корисници (освен во Судскиот совет на РМ,  Врховниот суд на РМ, четирите апелациони судови и Академијата за судии и јавни обвинители) и друго.

Примената на Законот за судски буџет, велат од Судскиот буџетски совет, од аспект на определување на судскиот буџет како процент од БДП, ќе овозможи независност и самостојност на  судската власт во остварувањето на своите законски надлежности.

„Во текот на годината, имајќи ја предвид состојбата на единки корисници и нивните приоритети, извршени се бројни пренамени на намената на средствата заради поефикасна реализација на буџетот. Судовите правеа напори за наплата на судските паушали“, велат од Советот.

Проблемот со несоодветната кадровска и старосна структура, нагласуваат од Судскиот буџетски совет, останува актуелен и во 2016 година. Исто така, значајно е и нерамномерното оптоварување на вработените од исти категории во различни судови. Во текот на 2016 година, судовите се соочија со проблеми во имплементацијата на Законот за судска служба и Законот за вработените во јавниот сектор, со што се наметнува потреба за усогласување на овие два закона.

Во 2016 година, и покрај барањата на судовите за унапредување на повисоки работни позиции на вработените во судската власт, не беа обезбедени согласности од Министерството за финансии по наведениот основ.

„Компјутерската опрема во судовите е застарена и не се обезбедуваат доволно средства за замена на постојната компјутерска опрема. Зависноста на судската власт од странски донации, од аспект на набавка на нова компјутерска опрема и набавка и доградба на софтверски програми, беше евидентна и во 2016 година. Исто така, зградите во кои се сместени судските институции се стари и имаат потреба од реновирање на дел од нив. Особено е нагласена потребата од реновирање на фасадата на Врховниот суд на РМ, реконструкција на Апелациониот суд Скопје и ОС Скопје 2, малите судови со основна надлежност и сл. За ОС Скопје 2 во текот на годината не беа обезбедени средства за замена на  прозорците оштетени при протест. Покривните конструкции во неколку судови се во многу лоша состојба. Со оглед на тоа дека судовите располагаат со голем број предмети во работа кои бараа прописно чување и архивирање, нагласена е потребата од обезбедување и уредување на соодветен архивски простор.  За Вишиот управен суд, Управниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители останува потребата за обезбедување на соодветни просторни услови. Основниот суд Скопје 1, и покрај најавите, и во текот на 2016 година не е дислоциран во новата судска зграда“, велат од Судскиот буџетски совет.

Потребно е, и додаваат од Советот, стручната служба на Судскиот буџетски совет кадровски да се зајакне. Возниот парк во судовите е стар и дотраен. Просечната старост на возилата е околу 18 години, што значи дека возилата имаат потреба од чести поправки, а исто така имаат голема потрошувачка на гориво.

„Освен во судовите со проширена надлежност каде што мебелот во судниците и во судските кабинети е обновен, во другите судови мебелот е стар, а во некои судови е речиси неупотреблив“, констатираат од Советот.

Во 2016 година стапи во сила законската обврска досудените трошоци на постапките по правосилни одлуки на судовите, во согласност со Законот за прекршоците, Законот за правда на децата и Законот за малолетничка правда, да паднат на товар на Судскиот буџет. Тоа предизвика бројни проблеми од причина што рокот за доброволна наплата е многу краток, СБС нема увид во досудените пресуди, а странките често  наплатата ја бараа по присилен пат и сл. СБС достави барање до Министерството за правда за измена на оваа законска одредба.

M.В