/ Прочитано:

1.975

Годишен извештај од Регистарот на цени и закупнини

Агенцијата за катастар на недвижности информираше за Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности, како и за движењето на цените и закупнините во Република Македонија за периодот јули – септември 2016 година, односно за третиот квартал од минатата година.

 

akad 2

Во првите три квартали од 2016 година, во Регистарот на цени и закупнини се запишани вкупно 19.798 трансакции со недвижности, од кои 56 % се однесуваат на продажби, 33 % на закупи, 8 % на продажби од инвеститор и 3 % на откупи од Република Македонија.

Само во третиот квартал од 2016 година во Регистарот на цени и закупнини се запишани вкупно 5.954 трансакции, што претставува пораст во однос на вториот квартал за 34 трансакции. Доколку се направи споредба со истиот квартал минатата година, кога беа регистрирани 3.813 трансакции, оваа година се забележува пораст на трансакциите за 36 %.

„Најголем број трансакции во овој квартал се забележани во септември, и тоа 2.174 трансакции, додека најмал број трансакции се регистрирани во јули само 1.801. Што се однесува до продадените новоградби, во овој квартал се регистрирани 646 продажби, што претставува зголемување за 147 продажби во однос на вториот квартал од 2016 година, кога беа регистрирани 499 продажби на новоградби“, вели директорот на Катастарот, Славче Трпески.

Во овој квартал, додава Трпески, во согласност со податоците од базата на катастарот на недвижности има 2.807 новоизградени станови кои се непродадени и кои се нудат на пазарот со недвижности, додека во тек на градба се 8.332 стана на целата територија на Република Македонија.

Во вториот квартал од 2016 година се регистрирани 2.842 непродадени станови кои се нудеа на пазарот на недвижности и 7.969 станови кои се во тек на градба. Доколку се споредат овие два квартала, може да се забележи намалување на непродадените станови, и тоа за 35 стана и пораст на становите кои се во градба, односно 363 стана кои треба да бидат понудени на пазарот на недвижности.

„Доколку се разгледаат цените на становите по општини, се забележува дека тие се стабилни и се во одредено ниво на флуктуација од 3.000 денари помеѓу различни квартали, иако има и мал број општини каде што овие разлики се повисоки и каде што се утврдуваат некои надолни трендови на цените на становите“, истакнува Трпески.

Според директорот на Катастарот, има стабилност на пазарот на недвижности за изминатата година, по големото зголемување на активностите кое се случи во првиот квартал на 2016 година и падот на трансакциите во четвртиот.

М.В