/ Прочитано:

1.255

Годишен извештај за 2015 година на Агенцијата за супервизија на осигурувањето

Во текот на 2015 година, Агенцијата спровела 8 делумни теренски супервизии кај друштвата за осигурување, како и 3 вонредни теренски супервизии на осигурителни брокерски друштва. Врз основа на спроведените теренски супервизии, Агенцијата издала 67 наредби за отстранување на незаконитостите.

Илустрација, Адвокатска канцеларија

Врз основа на членот 158-п од Законот за супервизија на осигурувањето, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, на 30 јуни, го достави Годишниот извештај за нејзината работа за 2015 година до Собранието на РМ.

Во текот на 2015 година Агенцијата активно работела за реализација на законски утврдените функции, како од аспект на унапредување на регулативата, издавање и одземање дозволи, согласности и лиценци, така и од аспект на супервизијата на сите учесници во работењето на пазарот на осигурување во Република Македонија.

Во текот на 2015 година се донесени 2 нови подзаконски акти и 2 подзаконски акти кои уредуваат измени и дополнувања на претходно донесени подзаконски акти кои произлегуваат од Законот за супервизија на осигурувањето.

Во 2015 година се издадени 59 лиценци за осигурителни брокери, со што вкупниот број на лиценцирани осигурителни брокери на 31.12.2015 година изнесува 436. Во текот на 2015 година биле одржани 2 обуки за осигурителни брокери, а вкупниот број на лица што ги посетувале обуките е 94. Како составен дел на обуките спроведени во текот на годината организирани се 12 испити, на кои 34 лица го положиле испитот. Исто така, во текот на 2015 година се издадени вкупно 214 лиценци за застапник во осигурувањето, а одземени се 72 лиценци, со што вкупниот број на лиценцирани застапници во осигурувањето на 31.12.2015 година изнесуваше 976.

Агенцијата спроведува супервизија на друштвата за осигурување, на осигурителните брокерски друштва, на друштвата за застапување во осигурувањето и на Националното биро за осигурување, во согласност со Законот за супервизија на осигурувањето, Законот за задолжително осигурување во сообраќајот и другите релевантни прописи. Исто така, Агенцијата има надлежност да спроведува супервизија на физичките лица кои вршат осигурителни брокерски работи и работи на застапување во осигурувањето.

Во текот на 2015 година, Агенцијата спровела 8 делумни теренски супервизии кај друштвата за осигурување, како и 3 вонредни теренски супервизии на осигурителни брокерски друштва. Врз основа на спроведените теренски супервизии, Агенцијата издала 67 наредби за отстранување на незаконитостите.

Основната цел и главен приоритет во дејствувањето на Агенцијата е постигнување високо ниво на заштита на потрошувачите. Во оваа насока, во текот на 2015 година, Агенцијата ги продолжи активностите за едукација на граѓаните за значењето и за улогата на осигурувањето, како и информирање за правата и обврските на осигурениците кои произлегуваат од различни продукти на осигурување, се наведува во извештајот.

Во насока на заштита на правата на осигурениците, Агенцијата постапувала по предмети доставени од осигуреници, од корисници на осигурување и од трети оштетени лица кои не биле задоволни од постапувањето на друштвата за осигурување. Во текот на 2015 година, поднесени се 110 претставки, при што:

– 81 претставка се решени, од кои 37 во корист на подносителите на претставките;

– 17 претставки се без основа за постапување и

– 12 претставки се во процес на решавање.