/ Прочитано:

1.013

Годишен извештај за движењата на осигурителниот пазар

Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија и движењата на осигурителниот пазар е пред пратениците.

„На крајот на 2018 година на пазарот на осигурување во Република Македонија активно работат 16 друштва за осигурување, од кои 11 друштва вршат работи на неживотно осигурување, додека 5 – осигурување на живот. Во доменот на посредувањето, на крајот на 2018 година активни се 35 осигурително-брокерски друштва кои вршат работи на посредување во осигурување, 11 друштва за застапување во осигурување и 5 банки кои вршат работи на застапување во осигурување.

Во 2018 година е остварена бруто-полисирана премија во вкупен износ од 9,92 милијарди денари, што претставува раст од 10,40% во однос на БПП остварена во 2017 година (2017: 8,99 милијарди денари). Во делот за неживотно осигурување е остварена БПП во износ од 8,26 милијарди денари (2017: 7,55 милијарди денари), односно раст од 9,43% во споредба со 2017 година.  Кај осигурувањето на живот e остварена БПП во износ од 1,66 милијарди денари (2016: 1,44 милијарди денари), што претставува раст од 15,48% во однос на 2017 година.

Друштвата за осигурување на 31.12.2018 година располагаат со средства во износ од 21,64 милијарди денари, со што остваруваат пораст од 8,03% во однос на минатата година (2017: 20,03 милијарди денари). Вкупниот пресметан капитал на друштвата за осигурување забележува раст од 6,45% во споредба со 2017 година, односно на крајот на 2018 година изнесува 6,31 милијарди денари. Маргината на солвентност, пак, како главен индикатор за процена на стабилноста на осигурителниот сектор, изнесува 1,56 милијарди денари, со што капиталот на осигурителниот сектор е 4 пати над нивото на маргината на солвентност.

Во текот на 2018 година, осигурителниот сектор оствари добивка по оданочување во износ од 352,67 милиони денари. Притоа, во делот на неживотно осигурување беше прикажана добивка од 269,65 милиони денари, додека пак кај осигурувањето на живот добивката изнесува 83,02 милиони денари“, се вели во извештајот.

Во доменот на законската регулатива, се додава во извештајот,  во 2018 година донесени се две изменувања и дополнувања на Законот за супервизија на осигурување.

Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија е самостојно и независно регулаторно тело на пазарот на осигурување, кое врши јавни овластувања, утврдени со Законот за супервизија на осигурувањето и Законот за задолжително осигурување во сообраќајот. АСО има цел да придонесе за законито и ефикасно функционирање на пазарот на осигурување во земјава, за негов континуиран развој, за заштита на правата и интересите на осигурениците, како и за унапредување на финансиската стабилност на земјава.

М.В