/Прочитано:

252

Годишен извештај за криминалот од омраза

Денеска се одбележува Европскиот ден на жртвите на криминалот од омраза, но и ден на кој години наназад, Хелсиншкиот комитет го објавува Годишниот извештај за криминалот од омраза за изминатата година. Како единствена граѓанска организација  која редовно го информира ОБСЕ/ОДИХР за ситуацијата со делата од омраза во земјата, констатираме дека дека тенденцијата на пораст на бројката на вакви дела, нотирана во 2018 година, продолжи и во 2019 година.

Опис на инцидентите

Во периодот од 1 јануари до 31 декември 2019 година, МХК регистрираше вкупно 159 инциденти и дела од омраза. Инцидентите беа регистрирани веднаш откако беа пријавени од страна на медиумите или Министерството за внатрешни работи. Притоа, од вкупниот број регистрирани инциденти, потврдени се 33 инциденти (20%), додека 126 инциденти (80%) остануваат непотврдени. Како непотврдени дела од омраза, во најголем дел остануваат оние инциденти кај кои во согласност со другите индикатори постои разумно верување дека се сторени поради етничката припадност на жртвата односно сторителот. И покрај нашите барања упатени до МВР за потврда дали етничката припадност како индикатор е присутна кај овие инциденти и дела, таква потврда од таму не добивме.

Во 2019 година, дела од омраза се сторени поради етничка припадност (84,9%), политичка припадност (9,4%), статус на мигрант/бегалец (1.2%), религија и верско уверување (1.2%), националност (1.2%), сексуална ориентација/родов идентитет (1.2%), и раса (0.9%).

Најголем број инциденти – 136 (85,5%) се регистрирани во Скопје и околните општини. Во Тетово се регистрирани 6 инциденти, 7 инциденти во Куманово, 4 инциденти во Гостивар, 2 инциденти во Битола и Струга и 1 инцидент во Велес, Гевгелија, Охрид, Вевчани, Штип, Виница, Ресен и Македонска Каменица.

И оваа година, инцидентите во Скопје и околината вклучуваат напади помеѓу припадниците на македонската и албанската етничка заедница, како и оштетување на имотот на политичките партии. Процентуално овие инциденти најмногу се застапени на ниво на полициските станици во општина Центар со 22% и општина Аеродром 18%, понатаму вакви инциденти се регистрирани и во подрачјето на полициските станици на Бит Пазар 17%, Гази Баба 14%, Чаир 10%, Карпош и Ѓорче со 6,5%, Кисела Вода 4% и Сарај 2%.

Мнозинството од наведените кривични дела вклучуваат: Насилство (115), Оштетување на туѓ имот (16), Телесна и Тешка телесна повреда (16), Предизвикување национална, расна или верска омраза, раздор или нетрпеливост (12), Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем (2), Разбојништво (2) и Загрозување на сигурноста (2).

Оценка

Зголемениот број инциденти извршени по основ на етничка припадност достигнува алармирачки 86% од сите регистрирани инциденти. Скоро инциденти се случиле помеѓу припадници на македонската и на албанската етничка заедница, а најзагрижувачки е фактот дека огромното мнозинство на жртви и сторители на тие инциденти се малолетници/младинци. Некои од делата од омраза се извршуваат поради одмазда или ретрибуција (освета) поради претходен инцидент, Најчесто, еден инцидент ги исполнува битијата на две или повеќе кривични дела, па од тие причини бројот на кривични дела не соодветствува со бројот на инциденти.

Повеќето инциденти предизвикани поради политичка припадност или убедување не инволвираат луѓе како жртви. Наместо тоа, како жртви се јавуваат правни лица, што се должи на фактот дека поголемиот дел од овие инциденти се однесуваат на оштетување на имот и нанесување на материјална штета. Политичките партии продолжуваат со поттикнување на говор на омраза преку нивните јавни настапи за време на предизборните кампањи.Исто така,  говорот на омраза во голема мера е користен во рубриките наменети за коментари во електронските медиуми што генерираат политички вести.

Покрај заложбите на Владата во насока на зголемување на заштитата на правата на ЛГБТ заедницата, како и покрај изборот на нов државен јавен обвинител, случаите на дела од омраза сторени врз ЛГБТИ заедницата во периодот од 2013-2015 година сѐ уште остануваат нерешени во јавното обвинителство;

Сѐ уште е нејасно дали властите ја препознаваат разликата помеѓу делата од омраза и говорот на омраза. Измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои се однесуваа на криминал од омраза, а беа усвоени во декември 2018 година, стапија во сила на 8 јануари 2019 година. Ова е многу значајна промена во законодавството и како резултат треба да покаже зголемување на кривичното гонење за криминалот од омраза. Во таа насока, согласно одговорите на барањата за пристап до информации упатени до МВР, се забележува дека за првпат полициските станици експлицитно квалификуваа кривични дела како дела од омраза.

Препораки

За да се прекине овој негативен тренд кој има далекусежни последици во општеството, потребна е сеопфатна и активна инволвираност на сите чинители. Пред се’, неопходно е да се осигура брза, ажурна и ефективна истрага и гонење на делата од омраза, гарантирајќи дека пристрасните мотиви се земени предвид и во текот на кривичната постапка. Од особена важност е преземањето на соодветни мерки за да се подобри довербата во институциите, а со тоа и да се потпомогне пријавувањето на делата од омраза од страна на жртвите, кои мора да бидат поддржани и заштитени. Исто така, потребно е да се унапреди обуката на релевантните практичари кои доаѓаат во контакт со жртвите. И секако, нешто на што речиси и да не се обрнува внимание, а е од огромно значење за понатамошно справување со овој феномен особено кај помладите генерации, е потребата од јакнење на превентивните мерки преку образованието и културата.

М.В