/ Прочитано:

1.673

Годишен извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата

Во 2015 година Антикорупциската комисија примила вкупно 437 изјави за интереси, од кои 68 изјави за интереси се од службени лица кои своите овластувања ги извршуваат во сферата на локалната самоуправа, 34 изјави од лица во областа на правосудството и 335 изјави за интереси од службени лица во органите на државната власт.

????????????????????????????????????

Годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата во 2015 година денеска на прес-конференција, која се одржа во просториите на Комисијата, го претстави портпаролот на институцијата Антонија Андонова-Тасевска.

Во периодот јануари – декември 2015 година се оформени вкупно 124 предмети по пријава од граѓани, правни лица и предмети оформени по сопствена иницијатива на ДКСК за постоење елементи за корупција, стои во Извештајот. Во наведениот период, ДКСК постапувала по вкупно 273 предмети, а од нив решени се вкупно 137 предмети.

„Четириесет и еден предмет биле во делот на спречување на корупцијата во вршењето на јавните овластувања – и четириесет и еден предмет за спречување на корупцијата во вршењето на работи од јавен интерес. Во делот на правосудството, Комисијата постапувала по дваесет и три предмети, а еден премет по кој постапувала Комисијата бил за спречување на корупцијата во политиката“, стои во Извештајот.

Антикорупциска повела две иницијативи за кривично гонење пред Јавното обвинителство на РМ. Едната е против директор на КПУ „Затвор Прилеп“ поради злоупотреба на службената положба и овластување. Имено, според пријавата на ДКСК, директорот во 2011, 2012 и 2013 година овозможил установата да направи расходи над средствата одобрени со буџетот за посочените години и овозможил прибавување противправна корист за себе или за друг и нанесување штета на буџетските средства на установата.

Втората иницијатива се однесува на поранешен градоначалник на Делчево и на други одговорни лица од Општината. Двете постапки се во тек, стои во Извештајот.

Во текот на 2015 година, ДКСК постапувала и по финансиските извештаи на партиите кои учествувале на локалните избори во 2013 година.

„Постапувајќи во согласност со чл. 178-а од Изборниот законик, ДКСК утврди дека 43 организатори на изборна кампања (односно 46 лица) не поднеле вкупен финансиски извештај и против нив, по спроведување на постапката за порамнување, поднесе барање за поведување прекршочна постапка пред надлежниот суд. Во рамките на постапувањето по поведените прекршочни постапки, во периодот 1.1.2015 – 31.12.2015 година од Основниот суд Скопје I – Скопје, Оддел за прекршоци, се донесени осум пресуди со кои обвинетите – организатори на изборната кампања се огласени за виновни, за што е изречена прекршочна санкција и тоа:

– во два предмети е изречена опомена

– во шест предмети е изречена глоба.

Антикорупциска била незадоволна од изречените санкции од страна на надлежниот суд во делот на видот и висината на санкцијата и поради тоа во три предмети изјавила жалба до повисокиот суд – Апелационен суд Скопје, поради погрешна примена на материјалното право и видот и висината на санкцијата.

Во извештајната 2015 година, ДКСК, во согласност со законските надлежности, против седум избрани и именувани лица до надлежниот суд поднела барања за поведување прекршочни постапки поради недоставување анкетен лист, односно непријавување промени на имотната состојба. Во овој период по овие и по претходно поднесените барања, судовите донеле 19 одлуки.

Од нив во девет случаи судот донел решенија за запирање на постапката затоа што обвинетите по спроведена постапка за порамнување го прифатиле платниот налог и постапиле по него.

Во шест случаи судот донел пресуди со кои обвинетите ги огласил за виновни и им изрекол прекршочна санкција глоба. Вкупниот износ на изречените глоби од овие пресуди изнесува 2 950 евра во денарска противвредност.

Во четири случаи судот донел решенија со кои обвинетите се ослободуваат од одговорност.

Во 2015 година Антикорупциската комисија примила вкупно 437 изјави за интереси, од кои 68 изјави за интереси се од службени лица кои своите овластувања ги извршуваат во сферата на локалната самоуправа, 34 изјави од лица во областа на правосудството и 335 изјави за интереси од службени лица во органите на државната власт.

„Од вкупниот број изјави за интереси поднесени до ДКСК, кај 39 службени лица ДКСК констатира постапување спротивно на одредбите од Законот за спречување судир на интереси (кумулација на функции и повреда на членот 9) и од нив е побарано да ја отстранат констатираната повреда, по што постапувањето е завршено во 13 случаи, а останатите се во тек“, истакна Андонова-Тасевска.

Таа вели дека Извештајот за 2015 година веродостојно и аргументирано ја отсликува работата на Државната комисија за спречување на корупцијата во сите сегменти на нејзините законски надлежности и на објективен начин ги презентира резултатите во наведениот период.