Годишен извештај за управувањето со јавниот долг

Годишниот извештај за управувањето со јавниот долг е поднесен во Собранието. Годишниот извештај за управувањето со јавниот долг има цел поблиску и на редовна основа да ги информира Владата и Собранието на Република Северна Македонија и да ја запознае јавноста со карактеристиките на должничкото портфолио на Република Северна Македонија, како и со преземените мерки за негово ефикасно управување во текот на минатата година.

Целите на управувањето со јавниот долг на Република Северна Македонија, според Законот за јавен долг, се следните:

– финансирање на потребите на државата со најнизок можен трошок, на среден и на долг рок, и со одржливо ниво на ризик;

– идентификација, следење и управување со ризиците на кои подлежи портфолиото на јавниот долг и

– развој и одржување ефикасен домашен финансиски пазар.

Во Извештајот се содржани дефиниции за државниот и јавниот долг, во согласност со Законот за јавен долг („Службен весник на Република Македонија“, број 62/2005, 88/2008, 35/11, 139/14 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/19). Со последните измени на Законот за јавен долг, кои беа донесени во мај 2019 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019), дефиницијата за јавниот долг беше проширена преку вклучување на негарантираниот долг. Во согласност со важечките прописи, државен долг претставува збир на финансиски обврски создадени со задолжување на Република Северна Македонија, јавните установи основани од Република Северна  Македонија и општините, општините во Град Скопје и Град Скопје. Понатаму, јавен долг претставува збир на државниот долг и долгот на јавните претпријатија основани од државата или од општините, општините во Град Скопје и Град Скопје, како и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата или на општините, општините во Град Скопје и Град Скопје.

М.В