/ Прочитано:

1.538

Годишниот извештај за превенцијата на детско престапништво на комисиска расправа

Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво во 2017 година e на дневен ред на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.  Во Извештајот за 2017 година се наведува дека дури 80% од општините не ја исполниле законската обврска за формирање на општински совети за превенција на детско престапништво.

Општинските совети за превенција на детско престапништво развиваат програми за вклучување на локалната заедница во превенцијата на детското престапништво и во третманот на деца сторители на дејствија што се предвидени со закон како кривични дела и прекршоци.

Советот констатира дека постои намалување во однос на бројот на деца жртви на кривични дела, меѓутоа, како што се наведува во Извештајот, се забележува одредено отстапување во податоците добиени од надлежните институции, што е резултат на различното толкување на дефиницијата за дете жртва на кривично дело во Законот за правда на децата. Во таа смисла, постои неунифицирано постапување со децата жртви.

Со Законот за правда на децата се уредува постапувањето со децата во ризик и со децата сторители на дејствија што со закон се предвидени како кривични дела и прекршоци, се определуваат условите за примена на мерки на помош, грижа и заштита, на воспитни и алтернативни мерки и за казнување на децата и помладите полнолетни лица, положбата, улогата и надлежноста на органите што учествуваат во постапувањето со децата и извршувањето на воспитните и алтернативните мерки и казни.

Во законот се определуваат и поимите „дете“, „дете во ризик“,дете во ризик до 14 години“, „дете во ризик од 14 до 18 години“, „дете во судир со закон од 14 до 16 години“ и „дете во судир со закон над 16 години“.

Дете жртва, се пропишува понатаму во Законот,  е секое дете на возраст до 18 години кое претрпело штета, вклучувајќи физичка или ментална повреда, емотивно страдање, материјална загуба или друга повреда или загрозување на правата и интересите како последица на сторено дејствие со закон предвидено како кривично дело.

М.В