/ Прочитано:

755

Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства пред пратениците

Споредувајќи ги статистичките податоци за предметното работење на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, на вишите јавни обвинителства, на основните јавни обвинителства и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, може да се заклучи дека во извештајната 2018 година, во предметите постапувано е ажурно и стручно, се вели во Годишниот извештај  за работата на јавните обвинителства, кој се наоѓа пред пратениците.

Според извештајот, во изминатата година е постапувано против вкупно 31.511 лица, што во споредба со претходната 2017 година, кога се постапувало против 28.753 лица, претставува разлика од 2.758 лица повеќе или 8,8% повеќе.

Бројот на новоподнесени кривични пријави против 20.259 лица полнолетни лица во текот на 2018 година во однос на претходната 2017 година, кога имало вкупно 17.402 пријавени лица, значи дека во извештајниот период има зголемување за 2.857 лица или 14%.

Во однос на кривичните дела сторени од деца во текот на 2018 година има 1.152 пријавени деца, што во однос на претходната 2017 година, кога имало вкупно 1.074 деца, е зголемување за 78 деца или 6,7%.

Спрема непознати сторители во извештајниот период има пријавени вкупно 10.100 лица, додека пак во претходната 2017 година 10.277 лица, што претставува намалување за 177 лица или за 1,7%.

Во текот на извештајната 2018 година основните јавни обвинителства решиле пријави против 17.940 лица или 56,6%, а останале во работа кривични пријави против 15.255 или 43,4%, по кои се  преземаат дејствија за прибавување на податоци во врска со кривичната пријава.

Донесувањето на пресуда врз основа на спогодба на јавниот обвинител и осомничениот во извештајната 2018 година е применето во 137 случаи, така што  се забележува намалување за 190 склучени спогодба во однос на 2017 година кога  имаше 327 вакви спогодби.

„Со податоците во извештајот се утврдува дека јавните обвинителства и покрај проблемите со кои се соочуваа во текот на 2018 година, успеаја да го задржат совладувањето на приливот на кривичните пријави. Па така, и во оваа извештајна година се решени 56,6% од вкупниот број на пријави. Од вкупниот процент на пријави кои во текот на 2018 година останале во работа кај јавните обвинители и другите државни органи 43,4 %, најголем број на предмети се евидентирани на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар и Вишото јавно обвинителство Скопје.

Во однос на Вишото јавно обвинителство Гостивар, анализите го покажуваат следното: Основното јавно обвинителство Гостивар учествува со 55,3 % од вкупното постапување на ова подрачје. Ова Основно јавно обвинителство е со проширена надлежност и ги опфаќа подрачјата на градовите Гостивар, Кичево, Дебар и Македонски Брод. Со оглед на обемот на постапување и територијата што спаѓа под ова основно јавно обвинителство, поразителен е фактот што функцијата јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Гостивар во 2018 година ја извршуваа 4 јавни обвинители и основниот јавен обвинител, а од 2017 година е дополнително намален за едно лице кое ги исполни условите за старосна пензија. Имено, согласно одлуката на Советот на јавните обвинители во Република Македонија во Основното јавно обвинителство Гостивар се предвидени девет јавни обвинители, што значи ова јавно обвинителство функцијата ја извршува со само половина од потребниот број на јавни обвинители. Тоа е една од главните причини поради што поголем дел од вкупниот обем на предмети во 2018 година на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар на крајот од годината останале во работа“, се констатира во извештајот.

Во однос на Вишото јавно обвинителство Скопје, се вели понатаму во извештајот, анализите покажуваат дека состојбата е резултат на повеќе фактори. Имено, основните јавни обвинителства од подрачјето на Вишото јавно обвинителство Скопје во вкупен обем на работа од 33.195 лица учествуваат со 18.409 пријавени лица или 55,4%, од тоа на Основното јавно обвинителство Скопје му припаѓаат кривични пријави против 13.503 лица или 40,6 % од кривичните пријави на целото скопско подрачје.

Доколку овие бројки се анализираат во корелација со структурата на криминалитетот по кој постапува Основното јавно обвинителство Скопје, кривични пријави поврзани со сите видови на корупција, освен оние коишто се во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, даночни затајувања итн.,  односно во корелација на сложеноста на предметите и фактот дека ова јавно обвинителство во 2018 година својата функција ја извршуваше само со 46 јавни обвинители од вкупно предвидените 62 јавни обвинители, бројка која не е зголемена за 30% согласно Стратегијата усвоена со започнувањето на примена на новиот Закон за кривичната постапка, дава јасен показател за причините поради кои 52% од кривичните пријави на ова подрачје останале во работа на крајот од годината.

„Во поглед на овие кривични пријави, нужно е да се истакне дека исто така во најголем број случаи се работи за пријави поднесени од оштетени физички и правни лица, непоткрепени и без доволно основи на сомненија за да се поведе постапка пред суд, што пак директно влијае за примена на институтот собирање потребни известувања, било непосредно од јавни обвинители, било преку Министерството за внатрешни работи и други органи.

Квалитетот на работењето на јавното обвинителство се согледува и во поглед на јавнообвинителските одлуки, при што од 8.688 обвиненија донесени се осудителни пресуди од страна на судовите во вкупно 7.978 или 90% од случаите, а во оваа бројка не спаѓаат 137 спогодби склучени во истражна постапка, скратена постапка и спогодба по поднесен обвинителен акт.

И покрај перцепцијата во јавноста дека јавното обвинителство многу често ја користи мерката притвор како мерка за обезбедување присуство на лица и за непречено водење на кривичната постапка, податоците покажуваат дека во извештајната 2018 година оваа мерка е применета во 1,5% од случаите или од вкупно 33.195 новопријавени лица мерка притвор е одредена само спрема 486 лица.

Значајно е да се напомене дека и во 2018 година продолжи примената на институтите од чл. 43 и чл. 44 од ЗКП и склучувањето предлог-спогодби помеѓу јавните обвинители и осомничените. Придобивките од користењето на  спогодувањето и примената на одредбите од чл. 43 и чл. 44 од ЗКП, намалени трошоци за кривична постапка и ефективна и ефикасна кривична постапка, со кратко времетраење, укажуваат на оправданоста на заложбата на Јавното обвинителство на Република Македонија во иднина сè поголем број на предмети да се решаваат на ваков начин“, се образложува во извештајот.

Зголемен е бројот на спроведените посебни истражни мерки, се констатира во Извештајот на Обвинителството

М.В