/ Прочитано:

4.227

ГОДИШНИОТ ОДМОР ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ КОРИСТИ ВО ПОВЕЌЕ ДЕЛОВИ: Нема да има задолжителни 12 дена одмор за прв дел, туку две работни недели одмор за еден од деловите

Министерството за труд и социјална политика предлага нови измени на Законот за работните односи и тоа, покрај другото, во делот на користењето на годишниот одмор. Предложените измени на Законот за работните односи се наоѓаат во собраниска процедура. Од ССМ за Академик велат дека ги поддржале ваквите измени и дека тие не ги загрозуваат работничките права, додека пак од Движењето за социјална правда „Ленка“ велат дека ваквото „цепкање“ на одморот ќе доведе до злоупотреба на правата од страна на работодавачите.

Еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели

„Годишниот одмор работникот  може да го користи во повеќе делови во договор со работодавачот, со тоа што еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели“, се вели во измените на Законот за работни односи кои се наоѓаат во собраниска процедура.

Според актуелното законско решение, годишниот одмор може да се користи и во два дела, со тоа што првиот дел мора да трае најмалку 12 работни дена.

„Годишниот одмор може да се користи и во два дела, со тоа што првиот дел мора да трае најмалку 12 работни дена“, се вели во член 141, став 1 од ЗРО.

Во предложените законски измени_не се менува член 141, став 3 од ЗРО според кој,  работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на 12 работни дена годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни идната година.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека  измените во врска со годишниот одмор се вршат во насока на поделбата на платениот годишен одмор во повеќе делови наместо досегашно користење  во два дела, согласно личните и семејните потреби  на работникот.

Два дена од годишниот одмор по сопствен избор

При тоа, како што посочуваат од Министерството и како што се предвидува со законските измени, еден од деловите од годишниот мора да трае најмалку две непрекинати работни недели, а и му се овозможува на работникот наместо користење на досегашниот еден ден од годишниот одмор по сопствен избор со претходно известување на работодавачот, сега да користи два дена по сопствен избор само со претходно известување на работодавачот од три работни дена.

„Тоа се прави заради усогласување со Конвенцијта на МОТ за платени одмори“, велат од ресорното министерство.

ССМ: Ги поддржавме измените

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека ваквите измени добиле поддршка од нив и дека овие измени биле успогласени на седница на Економско-социјалниот совет. За нив нема ништо спорно во тоа еден од деловите од годишниот мора да трае најмалку две непрекинати работни недели или како што велат од ССМ, десет дена, затоа што останува законската обрска на годишен одмор од 12 дена.

 „Ленка“: Цепкањето на одморот ќе биде злоупотребено од работодавачите

Од движењето за социјална правда „Ленка“ се со сосема спротивни ставови од ССМ, но и со образложенијата на Министерството за труд и социјална политика. Тие сметаат дека ваквите измени за годишниот одмор не се во насока на подобрување на работничките права затоа што, како што велат, тоа во пракса ќе значи злоупотреба на правата од годишен одмор од страна на работодавачите.

„Не ја гледаме потребата зошто се прават овие измени кои не се во интерес на работниците затоа што тоа во праксата би довело до цепкање на годишниот одмор што секако дека не е добро за нив. Ваквите измени се неоправдани“, велат од „Ленка“.

 М.В / veljanoskim@akademik.mk 6.2.2015