/ Прочитано:

1.330

Годишно обраќање на претседателот на државата пред Собранието

На денешната собраниска седница претседателот на Република Северна Македонија,  Стево Пендаровски, ќе му се обрати на Собранието. Ова е прво годишно обраќање на претседателот Пендаровски откако е избран на функцијата претседател на државата.

Според Уставот и законите, Претседателот на Република Северна Македонија:

  • го врачува мандатот за состав на Владата на Република Северна Македонија;
  • ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и специјалните пратеници на Република Северна Македонија во странство;
  • ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници;
  • предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија;
  • предлага двајца членови на Судскиот совет;
  • именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Северна Македонија;
  • именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;
  • доделува одликувања и признанија во согласност со закон;
  • дава помилување во согласност со закон и врши други функции утврдени со Уставот.

Претседателот на Републиката го известува Собранието за прашања од неговатанадлежност најмалку еднаш годишно.

Претседателот на Републиката го потпишува указот за прогласување на законите со претседателот на Собранието.

Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во рамки на надлежностите на Претседателот на Републиката го предлага гувернерот на Народна банка на Република Северна Македонија, кој потоа го именува Собранието. Претседателот на Република Северна Македонија го именува и разрешува директорот на Агенцијата за разузнавање. Претседателот на Република Северна Македонија го поставува и разрешува Началникот на Генералштабот на Армијата.

М.В