ГОЛЕМ ИНТЕРЕС, ОДЛИЧНИ ПРЕДАВАЊА, НОВА ПРАВНА ЕДУКАЦИЈА: Втор ден од големиот настан во организација на Академик

Среда, 28 октомври 2015 – Втор и завршен ден на меѓународната правна конференција „Управување со правни ризици: Правна етика и естетика“. И денеска, како и на вчерашниот ден, со голем интерес на стручната и пошироката јавност и во присуство на бројни учесници од земјата и регионот, говореа реномирани светски адвокати, универзитетски професори, експерти и претставници од бизнис секторот. Прашањето за етиката, како основа на правничката професија и фактор за владеењето на правото и поволната деловна клима, на вториот ден од големиот настан, тематски беше проширено со одлични предавања и анализи поврзани со визуелизацијата на правото, правната естетика, деловната култура како етички модалитет и потенцијален правен ризик, потоа етичкото банкарство и политичките ризици во примената на правото и адвокатската практика.

На почетокот од вториот ден на големиот меѓународен правен настан, Слободанка Гиевска од „Македонски телеком“ АД, говореше за управувањето со правните и други ризици во процесот на спојување на компании, со детално образложен осврт на случајот со „Македонски телеком“.

„Конкуренцијата беше основен фактор за спојување на двете компании, Македонски телеком и T-Mobile. Имаше големи предизвици, подготвителни активности и длабинска анализа на која многу се работеше, особено во делот на правните ризици“, рече Гиевска.

„Денес, целите и придобивките од спојувањето на компаниите се големи и овој случај е пример за успешна приказна“, додаде Гиевсканагласувајќи дека за тоа суштинска улога имале и навременото детектирање на правните ризици, особено  во однос на деловната култура како взаемна точка на поврзување на два деловни субјекти.

Горан Јерас од Првата етичка банка во Хрватска се осврна на концептот на етичка банка. Етичките банки, потенцираше Јерас, си имаат своја посебна филозофија и начин на делување, а тоа значи содавање на добробит за општеството.

„Етичките банки се отворени банки и заедно со корисниците засновани се на принципите на солидарност и доверба. Етичките банки се во функција на подобар квалитет на животот, создавање на нови вредности, проекти кои созадаваат социјални бенефиции. Посветени се на прашањата од животната средина, екологијата и иновациите“, истакна Горан Јерас.

Надја Вачтер од германската Quality Group, во која е менаџер за односи со клиенти и одговорна за организациски и процесен консалтинг, говореше за правните софтверски апликации и управувањето со договорите.

„Правните софтверски апликации играат голема улога во работењето на современите компании. Софтверите помагаат за поголема ефикасност и продуктивност во работењето. Тоа е од особено значење за правниците, бидејќи тие првенствено работатат со деликатна документација, со многу предмети и со илјадници акти. Во таа смисла, експедитивноста, прецизноста и прегледот што ги нуди технологијата, мора да се применат, доколку се цели кон посериозен успех. Тоа се предности кои се контибуираат и во управувањето со договорите“, истакна менаџерката Вачтер. 

Успешната менаџерка упати порака до компаниите и правничката фела да земат проактивен пристап во користењето на иновативните софтверски апликации затоа што тоа, како што истакна, е современиот продуктивен начин на корпоративно размислување.

Aдвокатот Лука Мишетиќ зборуваше за своите искуства во Хашкиот трибунал, односно за управувањето со правните ризици во случајот на хрватскиот генерал Анте Готовина. Правејќи историски пресек на случајот, Мишетиќ истакна дека процесот се водел на три фронта: правен, полтичко-дипломатски и медиумски.

„Во случајот со генералот Анте Готовина ние, како одбрана, не смеевме да ризикуваме погрешно да го преставиме клиентот пред Судот. Еднаквоста на оружјата е суштинска – огромен тим работеше на случајот. Како за пример – Обвинителството тимот го чинеше 30 милион долари. Тоа беше битка Давид против Голијат, но Давид победи!“, нагласи Мишетиќ, додавајќи дека кога се има кредибилитет пред Судот, ќе се добие резултатот што се очекува.

Проф. д-р Сузана Лошковска од Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, имаше мошне интересно предавање за визуелизациите и можните примени во правото. Една слика вреди повеќе од илјада зборови, истакна професорката Лошковска, појаснувајќи што всушност е појдовната точка на визуелизацијата на правото, која, во правничката професија, може да има многу конкретна и корисна практична примена.Професорката за таа цел презентираше  широк спектар на визуелизации и графикони на правни предмети, закони и статистички податоци.

„Живееме во ера на дигитален свет. Иновативните пристапи во правото преку неговата визуелизација, не само што претставуваат потреба, туку ја најавуваат иднината во правната професија. Визуелизацијата на правото е од голема корист за правниците – во преносот на информациите, полесното снаоѓање во предметите, репрезентацијата на законите на поедноставен начин“, истакна професорката.

Меѓународната конференцијата се заокружи со одличната анализа и предавање на Џон Адамс од САД, реномиран правник и експерт со над 20-годишно искуство во советување на американски и меѓународни компании. Адамс говореше за концептот на слободните економски зони, споделувајќи го своето искуство и својот придонес во таа област во Македонија.

„Еден од најголемите ризици кога се во прашање слободните економски зони е квалитетот на управувањето на зоните. Доколку државата управува со технолошко-индустриските развојни зони таа мора да се раководи од потребите на инвеститорот и да се стреми кон подигнување на квалитетот на услугите на највисоко ниво со цел да се осигура успехот на инвеститорот“, истакна Адамс.

 

Тој подвлече дека приватните субјекти, особено адвокатите, треба да ја искористат приликата и да создадат релација со управителот на зоната, како и со инвеститорите, и во улога на косултанти да помогнат во решавање на проблеми кои се јавуваат, а во тој контекст и да спречат евентуални правни ризици.

На крајот од Конференцијата, македонскиот адвокат Георги Димитров, во своето завршно обраќање изрази задоволство што повторно конфренциите на Академик инспирираат за нови едукативни мисии и цели, кои, како и изминатите два дена, ќе значат  создавање на креативен простор преку кој светската правна мисла и взаемната соработка, ќе  ја обединат стручната и пошироката јавност во име на потребата од нова иновативна едукација, како услов за севкупен општествен развој. Ваквите настани, како што нагласија и учесниците на Конференцијата, создаваат можност за нови едукативни бенефиции и професионални контакти, но иницираат и многу повеќе, имено, промовираат идеи кои се суштински и прогресивни на домашен и меѓународен план.