/ Прочитано:

996

Голем одѕив на волонтери на уредувачкиот маратон за надминување на родовиот јаз на „Википедија“

Уредувачкиот маратон „Викигап“ (Wikigap) за зголемување на бројот на текстови за истакнати жени од Македонија или значајни настани за родовата еднаквост на „Википедија“ се одржа оваа недела во рамките на глобалната шведска акција за премостување на родовиот јаз во семрежниот простор. Во организација на Шведската амбасада, заедно со канцеларијата на UN Women во Скопје и „Споделено знаење – Викимедија Македонија“ („Википедија на македонски јазик“) и во партнерство со НВО-а од областа на граѓанскиот и женскиот активизам, независни експерти и академската сфера, уредувачкиот маратон „Викигап“ обедини 54 нови уреднички и уредници на „Википедија“ кои во просториите на „Јавна соба“ заедно работеа на подобрување теми и содржини во функција на унапредување на родовата еднаквост и застапеноста на жените во онлајн светот.

„Викигап“ е глобална шведска иницијатива покрената од Министерството за надворешни работи на Шведска и „Викимедија Шведска“, со цел да се зголемат содржините за жени и женските права во интернет просторот, а со тоа и нивната застапеност и видливост. Глобална статистика е дека има 4 пати повеќе статии за мажи отколку за жени и дека 90% од содржината е креирана од мажи. Иако овие бројки имаат регионални варијации, јасен е фактот дека информациите поврзани со жените се многу помалку застапени од оние за мажите.

Иницијативата досега генерираше околу 3000 нови или проширени биографии на жени на „Википедија“. Повеќе од 1600 учесници во 50-ина земји досега беа вклучени во пишување статии за жени на повеќе од 30 јазици. Со поддршка на тимот на „Споделено знаење – Викимедија Македонија“, на „Викигап Скопје“ беа креирани повеќе од 100 статии на „Википедија на македонски јазик“ за жени за кои нема статија (или е многу оскудна) или пак за теми поврзани со родовата еднаквост.

„Еден од најголемите извори на информации денес е ’Википедија’ – најголемата светска онлајн енциклопедија чија содржина е креирана од страна на нејзините корисници. Знаењето е моќ и ’Википедија’ има голем потенцијал да влијае врз нашиот светоглед. Но, постои голема родова нееднаквост на веб-страницата, како што постои и во општеството“, кажа амбасадорот на Шведска во Македонија, Матс Стафансон. Тој исто така додаде дека уредувачкиот маратон на „Викигап“ во Скопје, кој е и под слоганот „Не само на 8 март“ на канцеларијата на UN Women во Скопје, ја потенцира потребата за отворање на дебати на теми поврзани со родовата еднаквост не само на 8 март.

Присутните Вики-волонтери ги поздравија и претставничката на канцеларијата на UN Women во Скопје, Ивона Пауновиќ-Бишевац, како и Санела Шкриљељ од Министерството за труд и социјална политика. „За UN Women, овој настан има и стратешка придобивка и е директно поврзан со Агендата 2030 за одржлив развој преку промовирање на пристапот и употребата на информатичката технологија од страна на жените и девојките. Ова е особено важно, бидејќи користењето на информатичките технологии им отвора на жените можности за еднаков пристап до онлајн ресурси за учење, а воедно им овозможуваат да се здобијат со посилен глас и да бидат подобро претставени во тој интернет простор“, истакна Ивона Пауновиќ-Бишевац од UN Women.

Партнерски организации и независни експерти кои го поддржуваaт настанот се: „Акција здруженска“, „Бори се женски“, Институт за родови студии – Филозофски факултет – Скопје, Институт за човекови права, „Kvinna till Kvinna“, Коалиција „Маргини“, Младински образовен форум – МОФ, Национален совет за родова еднаквост, Организација на жени на општина Свети Николе, „Прес ту егзит“, „Tiiiit INC.“, Женска граѓанска иницијатива – „Антико“, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија.

М.В