/ Прочитано:

6.300

„Голем успех е пресудата на ЕСЧП во корист на граѓаните кои беа присилени да плаќаат сметки за парно греење“ – Александар Варела, адвокат

Како што објави вчера Академик, Европскиот суд за човекови права донесе пресуда во корист на граѓаните на кои им беше наметнато да плаќаат за парно греење, иако не го користат.

Граѓаните како сопственици на станови се жалеа дека противправно им е наметната обврската да плаќаат за парното греење во колективните објекти за домување, односно во зградите во кои живеат, со што им се нарушиле загарантираните права за мирно уживање на сопственоста, на што всушност и упатува Европската конвенција за човековите права.

Адвокатот Александар Варела вели дека пресудата е многу значајна и дека со неа обесправените граѓани се избориле за правдата, докажувајќи дека нивните права за мирно уживање на сопствената биле загрозени и нарушени.

Голем успех е да се добие ваква пресуда од Европскиот суд за човекови права, особено што со ова се потврдија како точни, оправдани, праведни и сега веќе законски исправни сите протести и приговори на обичните граѓани. Треба сите да ги посочиме борците од „Но пасаран“ како правдољубиви граѓани кои беа присилени да плаќаат сметки за нешто што не го добиваат, за нешто што претходно во законска процедура уредно го исклучиле или никогаш не се вклучиле, а со подзаконски акт се дерогираа законите и Уставот, особено со судските пресуди кои од 2013 година и сѐ уште до ден денешен се носат од нашиот најголем суд, вели адвокатот Александар Варела, еден од застапниците на граѓаните кои се жалеа пред Европскиот суд за човековите права.

„Важноста е што сега веќе се демаскира и се утврди нестручноста, паушалниот пристап и ноторното незаконито постапување од страна на  судот, Владата и големите приватни компании. Се потврди дека обичниот човек има поголема смисла за своите права од целиот правосуден систем, особено што и Уставниот суд се ‘избламира’ со препишување на објаснувањата од Регулаторната комисија за наводното ширење на топлината преку ѕидовите на зградите, која излегувала од становите кои се приклучени кон становите кои не се вклучени, и поради тоа што не можело да се спречи тоа, сите требало да плаќаат каде што имало инсталирано топлинска потстаница за снабдување со топлинска енергија. Замислете една таква институција, која треба да се грижи за почитување на Уставот и за владеењето на правото, да  објаснува со недокажана метафизика, а воедно да не се запраша дали тие што не се вклучени се греат на друг начин и со тоа самите шират топлина. Целата логика беше исклучена во корист на наводните издадени фактури, кои воедно не се ни разгледуваа за нивната основаност, туку беспоговорно се прифаќаат од судовите, и со тоа граѓаните кои приговараа мораа да платат и судски трошоци кои беа десет пати над тужените сметки. Сега сето тоа не смее да се случува и се надеваме дека судовите ќе почнат пред сѐ да судат во согласност со законите и да ги почитуваат човековите права. За волја на вистината, и пред оваа пресуда имаше инцидентни пресуди во корист на граѓаните, но таквите пресуди беа веднаш враќани на повторно судење, со насоки од повисокиот суд дека треба да се гледаат факти кои беа во корист на приватните дистрибутери и воопшто да не се спомнува дека никој нема потпишано договор, односно воспоставено облигација. Последната позитивна и целосно правилна првостепена пресуда беше донесена во 2019 година, пред да биде решено во Стразбур, и тоа само од еден судија во граѓанскиот суд Скопје, која целосно кореспондира со позитивните закони во Македонија, а сега веќе и со објаснувањата од оваа пресуда од Стразбур.

Имено, граѓаните повеќе се жалеа за неправдите и непримената на законите во корист на правилното утврдување на фактите и примената на материјалното право од страна на судот, но Конвенцијата има друга смисла за заштита на човековите права, која во постоењето на ваква негативна пракса, односно примена на законите и подзаконските акти во нашата држава, очигледно довело до убедување кај судиите кои одлучувале по овие предмети дека постои повреда на човековите права“, образложува адвокатот.

Адвокатот вели дека има околу 120 поднесени жалби само на овие основи против нашата држава од граѓани кои се чувствуваат обесправени од пресуденото во нивните предмети.

„Судот во Стразбур издвоил 8 карактеристични случаи, кои се однесуваат на исти фактурни односи со топлинските фирми и сите се исклучени, но фактички различни во тоа што еден е претходно исклучен, еден е подоцна, друг има цевки кои поминуваат низ станот, трет нема ни цевки, друг па не бил воопшто приклучен или пак дополнително е воведено греење во зградата, но никогаш не било донесено до него, што значи дека судот направил сублимат од карактеристични жалби и во една постапка одлучил за сите, и така е направена процесна економија и целисходност на пресудување кое треба да се примени кон сите поднесени жалби од овој тип. Смислата е во основата на човековото право за мирно уживање на сопственоста и тоа не смее да биде попречено без законска одредба и до исклучителна важност за попречувањето, додека кај сите жалители е востановено дека со примената на подзаконскиот акт, односно правилникот од јули 2012 година, сите жалители биле обврзани за нешто што не треба да биде обврска, особено што пред таа 2012 година тие веќе се стекнале со права за исклучување, а сега беа повторно задолжувани незаконски“, вели адвокатот Варела.

Во врска со пресудата, адвокатот образложува дека ЕСЧП во пресудата дава детални објаснувања за сите наводи од жалителите и одговорот и наводите на Владата.

„Од тоа е утврдено дека основани се жалбите на жалителите во однос на неоснованите задолжувања за плаќање на фиксниот надоместок во смисла на незаконито задолжување само врз основа што живеат во становите во кои не се користи топлинска енергија од централното парно греење. А сето тоа претставува незаконито попречување на мирното користење на тие станови, односно нивната сопственост, без исклучива законска обврска за тоа. Воедно, судот детално ги образложува и владините наводи и приговори на жалбите, но сите до еден ги одбива како неосновани. Значи, не е основано да се повикува Владата на појакиот јавен интерес  кога тој е во спротивност на еднаквите и балансирани пристапи кон различните права на субјектите во постапката“, истакнува адвокатот Александар Варела.

„Ваквите пресуди значат многу за приближување на нашата држава кон Европската заедница и нејзиниот однос кон правото и правдата, како и кон целосно владеење на правото во една правна држава. Оваа пресуда е голема сатисфакција за многу обесправени, дури и за тие што не приговарале, но сепак биле неосновано задолжени да плаќаат. Ваквите пресуди од ЕСЧП се и лек за освестување на потклекнатото судство кое требаше да ја донесе оваа или слична пресуда веднаш по првиот предмет во 2013 година и тогаш немаше ни да има толку предмети“, резимира адвокатот Варела.

 

Пресуда на Стразбур во корист на граѓаните на кои им беше наметнато да плаќаат за парно греење иако не го користат

Пресуда на Стразбур во корист на граѓаните на кои им беше наметнато да плаќаат за парно греење иако не го користат

За граѓаните и станари неприклучени на парно греење правното мислење на Врховниот суд е голем аргумент

ПРЕСУДА НА УПРАВНИОТ СУД ВО КОРИСТ НА ГРАЃАНИН: БЕГ и Топлификација не смееле да ги прибираат неговите лични податоци

МЛАДИТЕ ПРАВНИЦИ И АДВОКАТИТЕ ДЕБАТИРАА: Обврската на граѓаните да плаќаат на надомест за топлинска енергија која не ја користат е противуставна

ПРЕСУДА ВО КОРИСТ НА ГРАЃАНИН КОЈ НЕ ПЛАЌАЛ СМЕТКИ ЗА ПАРНО ГРЕЕЊЕ: Нема правен основ за наплата на сметки за невклучено парно греење

М.В