/ Прочитано:

3.648

Голем успех на Правниот факултет „Јустинијан Први” на  најпрестижниот  натпревар за инвестициона арбитража што се одржа во Германија

Тимот на Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје, кој за прв пат учествува на престижниот Натпревар по инвестициона арбитража во Франкфурт, во периодот 12.3.2018 година – 16.3.2018 година, го освои 18-тото место во светот на вкупната ранг-листа помеѓу 80 универзитети кои учествуваа на финалниот натпревар во Франкфурт и уште 40 универзитети кои беа дел од елиминациските фази кои се одржаа во Хонгконг, Москва, Женева, Париз, Мумбај и Вашингтон, или вкупна бројка од 120 универзитети.

Овој натпревар е најголем и најпрестижен натпревар за инвестициона арбитража и инвестиционо право во светот, на кој студентите се натпреваруваат во делот на арбитражно решавање на инвестициони спорови. Преку овој натпревар се создава високо квалитетен кадар кој е подготвен да се справува со сложената проблематика на заштитата на странските директни инвестиции и се поттикнуваат студентите за развој на својата кариера во престижни адвокатски канцеларии во светот.

Тимот на Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје се состоеше од следните студенти: Атанас Аврамов, Ивона Ажиевска, Анисија Стојковска и Петар Барлаковски. Тимот беше подготвуван од страна на: проф. д-р Тони Дескоски, проф. д-р Дарко Спасевски (кој ги водеше студентите во Франкфурт) и доц. д-р Вангел Доковски.

Тимот на Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје имаше три настапи, и тоа со Универзитетот од Лавов, Украина, со Универзитетот од Амстердам, Холандија и со здружениот тим на универзитети од Грузија. На сите настапи, студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје добија пофални зборови од арбитрите, што резултираше со освојување на 18-тото место во светот на вкупната ранг-листа.

На иницијатива на ГИЗ, балканскиот регион за прв пат се вклучува во овој натпревар, при што учествуваа правните факултети од Скопје, од Нови Сад, од Белград и од Приштина.

M.В