/ Прочитано:

3.347

ГОРДОСТ ЗА ПРАВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА: Тимот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ со огромен успех на најголемиот натпревар по меѓународно арбитражно право

Тимот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ постигна  огромен успех на најголемиот натпревар по меѓународно арбитражно право во светот. На натпреварот Willem C. Vis International Commercial Arbitration Moot, кој се одржа во Виена, Австрија, Правниот факултет се вброи во редот на 32 најдобри факултети и универзитети во светот.

„Се гордееме со успехот. Ова е чест за нашиот факултет и универзитет.Нашите животи се променија по ова достигнување. Среќни сме што е Македонија во редот на најдобрите!“ велат за Академик талентираните македонски студенти по право, кои под менторство на професорот Тони Десковски настапија рамноправно со најреномираните универзитети во светот, притоа докажувајќи го квалитетот на македонското правно образование и на македонската наука во светот.

Натпреварот, кој традиционално веќе 22 години се одржува во Виена, претставува собир на 300 најдобри универзитети во светот од областа на меѓународното арбитражно право.

Оваа година тимот составен од студентите Љубен Коцев, Марија Ангеловска, Марјана Станинова, Константин Битраков, Христијан Давидовиќ, Игор Тасевски и Зорица Наумоска, по одржаните генерални рунди, успеа да обезбеди влез во финалната рунда од 64 универзитети, а обезбеди и победа за влез меѓу 32 најдобри универзитети.

Љубен Коцев, исто така, е добитник и на наградата за најдобар студент-адвокат на натпреварот. 

Во подготовките на тимот учествуваа и м-р Вангел Доковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и м-р Ана Пепељугоска од Адвокатското друштво „Пепељугоски“.

Професорот Тони Десковски, кој со вонсериски ентузијазам се посветува во подготовката на своите студенти, вели дека овој реномиран натпревар е натпревар на знаење, за кој е потребно многу работа и одлично познавање на англискиот јазик.

„Станува збор за натпревар од арбитражно решавање спорови од трговски карактер.Учествуваат 300 престижни универзитети од целиот свет како: Сорбона, Хајделберг, Кембриџ, сите водечки светски универзитети и меѓу нив и нашиот Св. Кирил и Методиј. Натпреварот е престижен и е натпревар во знаење и станува збор и за вештина, но и за содржина на презентација. Целиот процес трае шест месеци. Во октомври го добиваме случајот за некаков настанат спор од некаков договор. Потоа нашите студенти заедно со сите други изработија образложение на тужбата, поднесок од 35 страници, па потоа на образложение на тужба на универзитетот од Франкфурт пишуваа одговор на образложение, фактички постапувајќи за тужениот и на крајот во Виена имавме финален настап, кадешто имавме усни рочишта на коиги браневме позициите на тужителот и на тужениот во спорот, два пати тужителот, два пати тужениот, по што следува објавувањето на 64 тимаштовлегуваат во финалето. Станува збор за многу жестока, многу силна конкуренција и оваа година нашиот факултет имаше способност и вештини да биде оценет позитивно и да влезе во тие 64 тима во финалната рунда, а потоа во таа рунда го победивме израелскиот Универзитет за бизнис администрација, и во следната рунда подобри од нас беа од Универзитетот во Цирих.Во секој случај, суштината на натпреварот е да влезете во финалната рунда од 64 тима. Покрај тоа што имавме такво признание и што стигнавме во таа фаза на натпреварот, нашиот студент Љубен Коцев доби посебно признание за исклучителен презентер–оратор и ќе добие посебно признание од страна на организаторите. Станува збор за дваесетина до триесет такви, а сметајте дека има најмалку илјада студенти во конкуренција за најдобар оратор, така што Правниот факултет оваа година може да се каже дека имаше исклучително успешен настап во натпреварот“, објаснува професорот Десковски.

Студентите-учесници велат дека за нив ова не само што претставувало едукативно искуство, туку внесло и нова филозофија во нивните животи и во погледите кон правото.

„За натпреварот работевме седум луѓе. Имаше писмен дел и устен дел. На подготвителните натпревари настапуваа и другите учесници од тимот, но во Виена настапувавме јас и Марија Ангелевска во генералната рунда. На крајот добив почесна награда за најдобар оратор. Пред четири години оваа награда ја добила Ана Пепељугоски, која сега ни е тренер“, вели Љубен Коцев, најдобриот оратор на натпреварот.

„Ова ми е втора година да учествувам на овој натпревар, така што оваа година можам да кажам дека влегов со поголемо искуство. Целиот натпревар беше голем предизвик за мене да се натпреварувам со учесници од највисоко рангирани универзитети во светот. Беше извонредно чувството да се влезе меѓу најдобрите. Ова е неповторливо искуство и е голем успех за целиот Универзитет со кој треба да се гордееме. Од ова искуство научив многу. Треба многу знаење и посветеност. Мислам дека сите студенти што се заинтересирани за ова треба да аплицираат за во иднина и факултетот и универзитетот да го повторат успехот“, вели Марија Ангеловска, која настапи заедно со Коцев на натпреварот.

Константин Битраков вели дека ова е голем успех за македонската наука и сите треба да се гордеат, нагласувајќи дека сите заедно биле дел од совршен тим што било силна причина да успеат.

„Ова претставува еден од најпрестижните натпревари во светот.Станува збор за натпревар на кој ние како Универзитет Св. Кирил и Методиј добивме можност да се натпреваруваме со водечките светски универзитети и ни претставуваше чест да седнеме на иста маса со најдобрите универзитети, да се изразам фигуративно. Ние сега сме во врвните 10% од светската област на меѓународната трговска арбитража. Многу работевме на ова, можеби повеќе од седум месеци.Прво писмениот, па усниот дел и после толку труд претставува навистина прекрасно искуство да се види крајниот успех. Низ подготовките и настапот, покрај тоа што учевме како изгледа во иднина адвокатската работа, успеваме да функционираме како совршен тим,затоа и во основа ова претставува најдоброто искуство што може да го стекне студент на Правниот факултет, па ги охрабрувам студентите да аплицираат. Повторно би кажал дека се гордееме затоа што ова е еден од најдобрите пласмани на нашиот Универзитет и еден од подобрите во последниве неколку години“, вели Битраков.

Покрај вложениот труд на студентите, нагласуваат дека за да се подготват добро за овој натпревар неопходна е современа литература. За жал, додаваат тие, неа ја нема на факултетот, па сè е оставено на ентузијазмот на професорот Десковски.

„Без материјалите што ни ги обезбедија професорите немаше да стигнеме до таму до каде што стигнавме. Литературата лично ни беше обезбедена од страна на професорите.Таа не е достапна на факултетите. Значи, ние уште на почетокот сме хендикепирани во однос на светските универзитети. Тоа се книги од светски познати автори, кои чинат по 450 евра и кои се недостапни на Правниот факултет. Благодарејќи на личниот ангажман на професорот Десковски, тие се обезбедуваат, иако треба да бидат дел од факултетската литература, како што е на факултетите со кои се натпреваруваме“, објаснува  Игор Тасевски.

„Покажавме дека можеме да се носиме со најреномираните универзитети. Без одличното познавање на англискиот тоа не е можно, како и без добрата правна литература. Користевме арбитражни одлуки и меѓународни правила, потоа странска престижна литература од светски познати автори. Беше напорно, но се снајдовме одлично“, додава Марјана Станинова.

Познавањето на англискиот јазик е, како што велат правниците, услов без кој не се може на ваков настан, но тоа за нив не било проблем.

„Целата комуникација се одвиваше на англиски јазик и мора да ви кажам дека испаднавме одлични опоненти за оние на кои англискиот им е мајчин јазик. Ова не е искуство само во однос на едукацијата, туку искуство што ни ги промени животите“, вели Зорица Наумовска.

Христијан Давидовиќ вели дека Правниот факултет докажал дека е конкурентен и за почит.

„Правниот факултет, како што покажавме, е конкурентен во светски рамки и може да стигне подалеку со знаењето што ни го пренесуваат професорот Десковски и асистентите Доковски и Пепељугоска, потоа со посветеноста, со литературата и кон сето она што нè насочуваат професорите. Треба да се следи овој тренд за постигнување на нови успеси“, потенцира Давидовиќ.

Тренерите на овие талентирани студенти велат дека се презадоволни од нив. Ги повикуваат и ги охрабруваат и другите студенти да се приклучат на тимот.

„Овој натпревар претставува предизвик не само за студентите, туку и за тие што се јавуваат како тренери. Ова ми е трета година како асистент-тренер на професорот Дескоски. Претходно имам учествувано на истиот овој натпревар и во тој период нашиот тим влезе во најдобрите 16 универзитети во светот и како Коцев имав признание за најдобар говорник. Работам како тренер на материјалниот дел на случајот. Значи, станува збор за многу напорна работа што се одвива во неколку фази.Најпрво се писмените поднесоци, потоа се подготвуваме за усна презентација.  Беше предизвик да се работи и задоволна сум и горда на успехот. Ги повикувам и ги охрабрувам студентите да се пријават за членство во тимот“, вели Ана Пепељугоска.

„Има многу талентирани правници, само треба да се пронајдат, да им се даде поттик и треба да се инвестира во нив. Имаме навистина фантастични студенти по право кои покажаа дека може да се носат со најреномираните универзитети. Самиот влез во 64 е показател дека имаме фантастична младина што треба да се надградува со знаење. Еве и јас, бев првиот студент што учествувал на овој натпревар, по што и бев задржан на факултетот како соработник, а сега сум и асистент во подготовките за натпреварот во делот на процедурата. Единствено што е потребно за младите е поттик и да се инвестира во нив за да можат дасе носат со нивните колеги од странство. Нивните квалитети веќе ги препознаа од другите универзитети, добиваат стипендии и за студирање, но и повици за работа“, вели асистентот Вангел Доковски, повикувајќи ги студентите да бидат дел од тимот кој ги запишува страниците со блескавите моменти на македонското правно образование и науката воопшто.

M.В / veljanoskim@akademik.mk

3.04.2015