Гортински законик

Основните извори од овој законик се наоѓаат издлабени во ѕид за кој се смета дека е остаток од ѕидот на агората на Гортин од тоа време. Големината на оригиналната градба изнесувала 30 метри во дијаметар, а текстот на Законикот бил распореден во 12 колони долги 10 метри и високи 1.5 метар и содржи околу 600 долги линии текст.

Гортинскиот законик бил правен кодекс на граѓанското право на старогрчкиот град држава Гортин, кој се наоѓал на јужниот дел од островот Крит.

Основните извори од овој законик се наоѓаат издлабени во ѕид за кој се смета дека е остаток од ѕидот на агората на Гортин од тоа време. Големината на оригиналната градба изнесувала 30 метри во дијаметар, а текстот на Законикот бил распореден во 12 колони долги 10 метри и високи 1.5 метар и содржи околу 600 долги линии текст.

Тој е најдолгиот постоечки антички запис веднаш по натписот „Диоген од Ојноанда” кој бил напишан од епикурејците во 2 век пр. н. е.

Археолозите велат дека според нивните истражувања Гортинскиот законик го пишувал само еден човек кој го завршил текстот во првата половина на 5 век пр. н. е.

Првиот фрагмент од Законикот бил откриен во 1850 година од италијанскиот археолог Федерико Халбер кој ги пронашол првите 4 колони текст во 1884 година. Археолозите заклучиле дека очигледно станувало збор за поголем текст кој требало да се истражи, а целосната реконструкција на ѕидот ја направил Ернест Фабрициус, германски историчар и археолог кој работел со археологот Халбер.

Гортинскиот законик е напишан со дорски дијалект и е еден од бројните правни натписи најдени на островот Крит, од кои повеќето останале зачувани. Дорскиот јазик во тоа време преовладувал меѓу жителите на Крит и тоа во областите: Кносос, Литос, Аксос и други помали области на централен Крит. Законикот имал голема традиција и примена во критското право, кој претставен како целина бил единствен корпус на закони од граѓанското право од останатите закони пронајдени надвор од градот држава Атина.

Целиот корпус на критското право можеме да го поделиме во три категории:

– најран период од 600 до 525 година пр. н. е

– следниот период во кој влегува и Гортинскиот законик, од 525-400 година пр. н. е.

– период на закони што содржат јонски карактеристики и затоа се датираат од 4 век.

Законикот содржи материја што се однесува на сопственоста над робовите, силувањето и прељубата, правата на разведените жени и на вдовиците, старателството над децата родени по разводот, наследувањето, продажбата на имотот и хипотеката, откупот, правата на децата од мешани бракови (на пр. брак помеѓу роб и слободен граѓанин или помеѓу слободен граѓанин и странец), уредување на бракот и посвојувањето.

Гортинскиот законик прави правна дистинкција помеѓу различните социјални класи кои ги дели на слободни граѓани, слуги, робови и странци, и за сите тие категории на жители постоел соодветен документ како идентификација.

Гортински законик

Во Законикот се предвидувала заштита на поединците што биле обвинети сѐ додека започнело судењето. Прекршоците се казнувале со парични казни кои се разликувале во зависност од статусот на лицето кое се казнува.

Гортинскиот законик ги уредувал и казните за силување и прељуба кои се разликувале во зависност од социјалниот статус на жртвата и на сторителот. Така, кога слободен жител ќе бил осуден за силување на слуга или на роб, добивал најмала казна, а доколку бил осуден некој роб за силување на слободен жител (маж или жена), ќе се соочел со најстрога казна.

Во врска со разводот и правата од бракот, Законикот гарантира збир од права за жените во случај на развод. Тие имале право на секој имот што го купиле за време на бракот и на половина од заедничкиот приход ако потекнува од нејзина сопственост. Децата родени во брак или зачнати пред да настапи разводот, но родени по разводот, се ставаат под старателство на таткото, а доколку го одбие старателството, детето се враќа кај мајката.

Значењето на Гортинскиот законик во старогрчкото право и општество било толку големо што некои тогашни познати класичари го нарекувале крал на натписите.