/ Прочитано:

1.639

Говор на омраза и медиуми

Автор: Душица Јованова, дипломиран правник

Слободата на изразување претставува едно од фундаменталните човекови права на кое се темели иднината на светот. Слободата на говор и изразување на мислата претставува основно човеково право кое има суштинска улога во остварувањето и заштитата на другите права. Можноста да се изрази мислењето и да се сподели информација претставува вредносен показател за демократскиот капацитет и институционалната поставеност на демократијата во општествата. Концептите на граѓанство и плурализам се неостварливи без можноста за слободно изразување на мислата и објективниот натпревар на спротивставени политички идеи.

Толеранцијата кон мислата на другиот и различниот овозможува коегзистенција во современите мултикултурни општества. Но, слободата на изразување може да се злоупотреби во определени ситуации и преминува во појава која е нејзина потполна спротивност. Одредени лица и групи може да изразат идеи за надмоќ на определена раса, религија или нација, со намера да ги понижат сите кои не припаѓаат на „нивната“ група, како и да повикаат на прогон, изолација, па дури и до геноцид. Во такви случаи слободата на изразување е прешироко толкувана и преминува во говор на омраза.

Говорот на омраза подразбира изразување на омраза за определена група. Тој се користи за да се навреди едно лице преку расната, етничката, религиската или друга група на која ѝ припаѓа тоа лице. Таквиот говор генерално настојува да ја осуди или да ја обесчовечи индивидуата или групата или да изрази гнев, омраза, насилство или презир кон нив. Тој носи порака за инфериорност на членовите на односната група и осудува, понижува и е полн со омраза. Практично, сите расистички, ксенофобични, хомофобични и други поврзани деклинации на идентитетско-напаѓачко изразување би можеле да се интегрираат во поимот говор на омраза.

Слободата на изразување во својата смисла овозможува размена и плурализам на идеи за да се оствари богатството на мислата и преку комуникација да се реализира демократијата и политичкиот дискурс. Затоа и нејзините ограничувања мора да поминат преку строг филтер за истата да не се загрози или пак да се злоупотреби. При разгледување на случаите на ограничување на слободата на изразување може да се идентификуваат случаи кога определено изразување може да наштети на цели кои се легитимно заштитени. Таквиот механизам обезбедува да не се злоупотребува слободата на изразување и да не се насочува кон комплетната спротивност на самата оваа слобода, како што претставува говорот на омраза, кој е најсериозна злоупотреба на можноста за изразување. Имплицитно дефинирање на говорот на омраза е содржано во Препораката бр. R (97) 20 на Комитетот на министри на Советот на Европа за „говор на омраза“ од 1997 година. Во Прилогот кон Препораката се истакнува дека терминот „говор на омраза“ треба да се разбере како термин кој ги опфаќа сите форми на изразување со кои се шири, се поттикнува, се промовира или се оправдува расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на омраза заснована на нетолеранција, вклучувајќи и: нетолеранција изразена во форма на агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон малцинства, мигранти и лица со имигрантско потекло.

Европскиот суд за човекови права во своите пресуди кои се однесуваат на говор на омраза поаѓа од оваа дефиниција на говорот на омраза или неговото разбирање како говор кој ги опфаќа „сите форми на изразување кои шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат омраза заснована на нетолеранција.“

Конкретно, за идентификување на говорот на омраза или за одлучување дали определено изразување може да потпадне под оваа категорија е неопходно да се испитаат неколку елементи: намерата за ширење на омраза кон определена група, односно намерата за поттикнување, промовирање или оправдување на омраза кон лицата кои припаѓаат на определена група (расна, религиска или етничка група, ЛГБТ-заедница и др.), содржината на конкретното изразување, односно проценката за тоа дали едно конкретно изразување претставува говор на омраза ќе зависи како од содржината на тоа што е изразено, и секако последиците од говорот на омраза. Говорот на омраза, покрај тоа што причинува повреди на достоинството на лицето/ата на кое/кои се однесува, исто така е и говор кој има способност да доведе до нарушување на јавниот ред и мир или до насилство, и тоа како моментални инциденти или пак разгорување на насилство помеѓу односните групи во општеството, така и криминал од омраза кон лицата претходно таргетирани со говорот на омраза. Забранетата последица ги опфаќа општественоштетните консеквенции предизвикани со таквото изразување, при што е доволно да е предизвикана омраза кон други, иако изостанале и реални дејствија на предизвикување потешки последици.

Во нашите транзициски и медиумски состојби и ниска култура на зборот и неговата употреба, јавното сеење или распалување омраза, без чувство на одговорност за искажаниот збор, се појавува како главен генератор на општествената клима на нетолеранција и предрасуди врз национална, етничка и други основа, која се појавува како општа психолошка рамка за експанзија на сите облици на делата на омраза од делата на физичко до делата на вербално и психичко насилство.

Говорот на омраза го има често во македонските медиуми, како „најпогодно место“ за изразување на омраза за определена група заснована на нетолеранција. Тој во рамките на процесот на вербално насилство е само прв чекор, кој во најлошите сценарија води до реално насилство. Акцентот на ваквиот тип на говор, особено се става на аудио-визуелните медиуми и интернетот, за кои се прифаќа дека имаат помоќен моментален ефект во споредба со печатените медиуми поради тоа што имаат средства за пренесување на значења низ слики, кои печатените медиуми не се способни да ги приопштат. Тоа се две главни медиумски платформи на коишто се одвива овој вид на негативна комуникација и поради самиот факт што тие не се доволно регулирани, тешко се процесираат кривично.

Говорот на омраза причинува голема штета, и тоа како на конкретните индивидуи на кои се однесува изразувањето така и на општеството во целина. Тој го повредува идеалот на еднаквоста или еднаквиот третман и принципот на недискриминација, кои се фундаментални за секое демократско општество. Правото на секого да биде слушнат, да говори и да учествува во политичкиот, уметничкиот и општествениот живот е составен дел од остварувањето и уживањето на еднаквоста. Mедиумите може да обезбедат балансирана (или позитивна) слика за различните групи кои го сочинуваат општеството и да придонесат кон културата на толеранција и дијалог.

Изминатите неколку децении ги карактеризира еден речиси универзален тренд на забрана на говорот на омраза насочен кон индивидуите или групите на основа на нивната етничка припадност, религија, раса, националност и (од поскоро и) сексуална ориентација. Забраните се разликуваат од една земја до друга, но основата на која почиваат е иста. Деликатноста на оваа забрана е во тоа што е релациска, стриктно поврзана со протегање на слободата на говорот како основно право. Македонското искуство со правното регулирање на говорот на омраза покажува дека говорот на омраза како правен концепт, но и како колоквијален термин е особено нејасен. Регулирањето (забраната) на говорот на омраза е стратегија на неутрализирање на атмосферата на поттикнување омраза и насилство. Притоа јасно е дека казнувањето на говорот од омраза нема да стави крај на нетрпеливоста во општеството. Повторно, ние населуваме време и свет што продолжува да страда од предрасуди и нетрпеливост кон (идентитетската) различност и општеството го става под постојан ризик од повеќе или помалку насилни ерупции на предрасудите (говор на омраза и дела од омраза). Но, тој ризик и не мора да се претвори во реалност. Забраната на говорот на омраза во оваа смисла е само еден начин и можеби строг начин, но „таа сочинува критички елемент во одбраната на правото да се биде еднаков или различен.“

Во 1978 година УНЕСКО ја усвои Декларацијата за основните принципи во врска со придонесот на медиумите за зајакнување на мирот и меѓународното разбирање, за унапредување на човековите права и за спротивставување на расизмот, апартхејдот и поттикнувањето на војна. Автономната и моќна позиција на медиумите, како единствен и апсолутен институционален канал за општествена комуникација, ги ставаат медиумите како приоритетна тема кога станува збор за говорот на омраза. Медиумите не можеме да ги оквалификуваме како креатори на говорот на омраза, но тие се инструмент, канал и средство за негово ширење. Тие исто така можат да создаваат контекст, ситуации, како и поволна клима за ширење на омразата или за нејзина естетизација.

Говорот на омраза и изразите што содржат негови елементи имаат поштетно влијание доколку се шират преку медиумите, што дополнително ја зголемува одговорноста на новинарите бидејќи тие постојано пишуваат за различностите, за разликите кои се темелат на религија, раса, пол, сексуална припадност, социјално потекло, култура. Доминантните патријархални и конзервативни вредности, исто така, влијаат и на новинарската работа. Како генерална перцепција може да се истакне дека новинарите во основа внимаваат на поделбата на етничка и религиозна основа, а можат да се забележат изразени дискриминаторски тенденции врз основа на пол и сексуална ориентација.

Во овој правец, исто така, има меѓународни напори за елиминирање на непрофесионализмот на новинарите. Меѓународната федерација на новинарите со етички кодекс ги задолжува новинарите на хуманост и заштита на човековите права. Од новинарот се очекува свесност за одговорноста на неговата работа. Анализата на етичките кодекси во нашата држава, исто така, покажува дека на едно декларативно ниво се потенцира забраната на говорот на омраза, како и пристојност и почитување на човековите права и слободи.

Говорот на омраза причинува голема штета, и тоа како на конкретните индивидуи на кои се однесува изразувањето така и на општеството во целина. Тој го повредува идеалот на еднаквоста или еднаквиот третман и принципот на недискриминација кои се фундаментални за секое демократско општество. Говорот на омраза има штетно влијание на општествениот ред, мир и на квалитетот на животот во заедницата. Овој говор има капацитет сериозно да ја оштети социјалната ткаенина и да ги раздели заедниците. И конечно, говорот на омраза потенцијално води кон криминал од омраза, како и кон геноцид.

Ставовите изразени во рубриката „Стручни мислења и коментари“ се ставови на авторите и не ги изразуваат ставовите на Академик.мк