/ Прочитано:

1.781

Градежните компании со конкретни предлози за измените на законите од областа на градењето и урбанизмот

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека градежната активност во првото полугодие на 2018 година, наспроти истото полугодие минатата година, е значително намалена. Падот на учеството на градежништвото во бруто-домашниот производ за првите шест месеци годинава, наспроти истиот период во 2017 година, изнесува 25,1%, вели Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија,

Според податоците, во овој период бројот на издадени одобренија за градење се намалил за 22,5%, а предвидената вредност на објектите за 25,7 %. Пад во овој период забележале и вкупната вредност на договорените градежни работи од 46%, како и вкупната вредност на извршените градежни работи од 13%.

Намалување е забележано и кај градежната активност на домашните компании во странство, при што вредноста на договорените градежни работи во странство бележи намалување од 40,3%. Заклучно со септември 2018 година, реализацијата на капиталните инвестиции пред ребалансот на Буџетот изнесува само 27,43%, односно 36,6% по ребалансот на Буџетот за 2018 година, при што во првите 9 месеци од 2018 година се реализирани инвестиции од 6,6 милијарди денари, наспроти 11,5 милијарди денари реализација минатата година.

Од Здружението нагласуваат дека е неопходно ревидирање на законската регулатива, пред сè на Законот за градење, на Законот за просторно и урбанистичко планирање и на Законот за јавните набавки, како едни од суштинските прописи кои го засегаат работењето на компаниите. Градежниците даваат конкретни забелешки и предлози по доставените нацрт-текстови на Законот за градење и на Законот за просторно и урбанистичко планирање, кои ги образложија на средбата со министерот за транспорт и врски.

На оваа средба од Здружението ја истакна потребата при подготовката на Законот за градење, во консултација со компаниите, да се обрне посебно внимание на прашањата за енергетската ефикасност на градбите, проектот за инфраструктура за линиските инфраструктурни објекти, постапките за издавање на одобренијата за градење, подигнување на нивото на стручност на сите учесници во изградбата, условите за добивање и одземање на лиценци за правните лица.

Во однос на Законот за просторно и урбанистичко планирање, Здружението на средбата го поздрави процесот за донесување на комплетно нов Закон со кој се уредува просторниот систем, истакнувајќи дека нацрт-текстот на Законот предвидува значително подобри решенија од важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање и во него се имплементирани голем дел од забелешките кои претходно ги достави Здружението.

Во насока на додефинирање на нацрт-текстот, се предложи уште еднаш да се разгледаат прашањата кои се однесуваат на времетраењето на постапката за донесување на планските документации, транспарентноста во процесот за изработка и донесување на плановите, формирањето на јавни претпријатија за изготвување на планска документација, санкциите предвидени за планерите и други прашања за кои Здружението изготвило и доставило писмени предлози.

Компаниите укажуваат на недоречености во градежната регулатива

Измени на Законот за просторно и урбанистичко планирање и на Законот за градење во собраниска процедура

Градежниците предлагаат промени на повеќе прописи од областа на градежништвото и безбедноста при работа

Потребна е реформа на законодавството од областа на градењето која ќе го заштити јавниот интерес

М.В