/ Прочитано:

2.056

Градежниците предлагаат промени на повеќе прописи од областа на градежништвото и безбедноста при работа

Претседателот на  Градежната комора на Македонија, при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Ивица Јакимовски и компании членки на Комората, на настанот на тема: „Стратешко планирање за стабилен градежен сектор“, дискутираа со министерот за транспорт и врски на Република Македонија Горан Сугарески за можностите за стимулирање и развој на компаниите во секторот, за актуелната состојба, за законската регулатива, како и за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење.

„Поволен бизнис-амбиент за развој на компаниите, во функција на зголемување на конкурентноста, инвестициите, извозот и иновациите,  е услов за долгорочен економски раст и стабилност на градежниот сектор. Стратешкото планирање, со долгорочни зацртани проектни активности и цели, ќе значи можност за инвестициски проекти, пред сè, мислиме на патната, енергетската и комуналната инфраструктура, но и капиталните инвестиции во образовниот, здравствениот, социјалниот систем. Сето тоа претставува работа за градежниот сектор, кој треба да генерира нови вработувања и да инвестира не само во модерна опрема и технологија, туку и во човечките ресурси кои во секторот градежништво стануваат дефицитарни“, изјави Јакимовски и додаде дека раст и стабилност на градежниот сектор значи стабилност и за 26 други стопански гранки директно поврзани со градежништвото.

Градежната комора на Македонија доставува предлог-мерки до надлежните институции  во врска со промена на законската регулатива, засновани на аргументација и сеопфатна анализа. Некои се во фаза на реализација, а дел се разгледуваат. Формирани се комисии во Комората кои работат на законите за градење, за просторно урбанистичко планирање, за градежно земјиште, за градежни производи, за јавни набавки, за безбедност и заштита при работа, за високоградба и енергетска ефикасност,  како и за нискоградба.

„Во насока на подобра координираност, на состаноците на комисиите во рамки на Градежната комора, редовно ќе покануваме и надлежно лице од Министерството за транспорт и врски за заедничко креирање на измените во законските прописи кои се во надлежност на Министерството за транспорт и врски.  Она што е особено важно за градежните компании во делот на Законот за градење е максимално почитување на роковите за издавање градежни дозволи со цел да не се пролонгира процесот на градба, што значи дополнителен трошок и за компанијата и за граѓаните и за сите инволвирани во процесот“ изјави Јакимовски.

Во согласност со најавениот буџет и инвестициите, Градежната комора на Македонија очекува стабилизирање и подобрување на состојбата во градежништвото.

М.В