/ Прочитано:

1.715

Градежниците за примената на законските новини за градежните производи

Имплементацијата на Законот за градежни производи, кој е во постапка на измени и дополнувања, го обврзува производителот во целост да е одговорен за производството, оценување и потврдување на сообразноста на градежниот производ, беше истакнато на денешната прес-конференција на   Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија, на која говореше претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски.

Законот дава голема одговорност на производителот на градежен производ, во поглед на контролата на квалитетот и во однос на одржување на постојаност на својствата на градежниот производ. Тоа значи дека самиот производител издава потврда за квалитет за својот производ, т. е. изјава за својства (Declaration of performance), која во целост ќе го замени досегашниот атест.

Со изготвување на изјавата за својства, производителот ја презема одговорноста за сообразност на производот во согласност со националните (европски) стандарди. За да може производителот, било на агрегат или на кој било друг градежен производ, да изготви изјава за својства со која ќе може слободно да го пласира производот на пазар, производителот треба да поседува сертификат за сообразност на фабричка контрола на производство издаден од страна на именувано тело за сертификација на градежни производи.

Именуваните тела за сертификација на градежни производи ќе спроведуваат и постојан надзор над фабричката контрола на производството со цел производителот да ја докаже постојаната контрола на квалитет и да ја потврди исполнетоста на барањата за сертифициран производ. Услов за одржување на сертификатот е трајно и целосно задоволување на сертификационите критериуми од страна на производителот.

Во Република Македонија засега има три именувани тела за сертификација на градежни производи од страна на Министерството за економија и тие се објавени на веб-страницата на Министерството. Тоа се Градежниот институт „Македонија“ – Скопје,  Заводот за испитување на материјалите и развој на нови технологии „Скопје“ – Скопје  и „ГЕИНГ“ – Скопје.

Бидејќи Законот за градежни производи го обврзува производителот во целост да е одговорен за производството, за оценување и потврдување на сообразноста на градежниот производ, на барање на Здружението, а во согласност со Министерството за економија, се поддржаа иницијативите:

– економскиот оператор кој пушта на пазар градежен производ од хармонизирано подрачје должен е своите производи да ги  усогласи заклучно до 30.9.2018 година. Тоа значи дека производителите треба да започнат со почетно испитување, во соработка со именувано тело за сертификација на градежни производи;
– економскиот оператор кој пушта на пазар градежни производи  од нехармонизирано подрачје, должен е своите производи да ги  усогласи заклучно со 31.12.2018 година;
– уште една препорака до производителите во Република Македонија, кои во производството на своите производи сè уште ги користат МКС (YUS) стандардите, а кои се повлечени од страна на Институтот за стандардизација на Република Македонија (ИСРМ) во 2011 и 2012 година, неопходно е да започнат постапка за донесување нови национални стандарди.

Стандардите кои имаат доброволен карактер претставуваат техничка поддршка за имплементација на техничкото законодавство – законите и подзаконските акти. Оттука, процесот на имплементација на европското техничко законодавство во македонското техничко законодавство и процесот на усвојување на европските стандарди како македонски треба да бидат заемно координирани.

Во области каде што нема европски и меѓународни стандарди Институтот за стандардизација на РМ развива и публикува национални македонски стандарди. Процесот на донесување на националните стандарди треба да започне во најкраток можен рок, а рокот за нивна имплементација дополнително ќе биде дефиниран од страна на ресорните министерства.

Сите овие обврски на производителите се неопходни од причина што по овие рокови нема да можат да учествуваат на тендери, доколку немаат изјава за својства, со која ќе може слободно да се пласира производот на пазар, односно производителот треба да поседува сертификат за сообразност на фабричка контрола на производство издаден од страна на именувано тело за сертификација на градежни производи.

М.В