Во одбрана на уставното право на здрава животна средина: Граѓани протестираат против загадувањето на Скопје
Недела, 6 јули 2014 – Граѓаните од скопските населби Железара, Бутел, Чаир, Аеродром најавуваат континуирани протести против загадувањето на Скопје и нивните населби. Тие вчера протестираа пред влезот на фабриката Железарница поради натамошното загадување од компанијата „Макстил“, на која Владата до есен ѝ го пролонгираше рокот за поставување на стандардизирани филтри.
Под итно е потребно да се вградат филтри
Фабриката да престане со загадувањето или нејзино затворање сè додека не ги исполни еколошките стандарди, бараат граѓаните кои со години се жалат на густиот чад кој излегува од индустрискиот комплекс.
„Таму под итно е потребно е да се вградат филтри“, велат тие, потсетувајќи дека граѓанска, морална и егзистенцијална обврска е на секој граѓанин да го искаже својот револт и повикуваат на поголемо граѓанско будење и свесност.
Од Министерството за животна средина велат дека најпрво треба да се заврши мерењето на загаденоста на воздухот, па потоа евентуално да се преземат соодветни мерки.
Кристијан Узунов, еден од најактивните учесници на протестот, вели дека мотивите за протестот се јасни и апелира на поголема граѓанска солидарност и одговорност.
„Црни облаци ни ги скратуваат животите“
„Мотивите за протестот се сосема јасни. Фабриката Железара, поточно Макстил, секојдневно со години испушташе страшни црни облаци кои ни ги скратуваат животите. Приморани бевме да го гледаме тоа, да гледаме како мали деца трчаат низ паркчињата, играат со топка и вдишуваат отрови. Очекуваме дека преку притисок на ваков начин ќе им дадеме до знаење дека еколошките стандарди кој се ветувани ќе се исполнат, очекуваме да си се избориме за правото на здрава животна средина. Во населба Железара и пошироко, верувам и не само околните населби туку цело Скопје, почвата и воздухот се ужасно загадени. Доколку испитувањата кој се направени во текот на минатите години излезат во јавност или доколку се направат нови испитувања, на сите ке им стане јасно со каков монструм сме соочени“, нагласува Узунов.
Тој се надева дека заедно граѓаните ќе успеат да ја затворат фабриката се до денот кога тие еколошки стандарди не бидат целосно исполнети.
Доколку не преземеме нешто, сигурно работите нема да се сменат сами од себе!
„Дали ќе успееме во тоа не можеме да бидеме сигурни, но доколку не преземеме нешто, сигурно работите нема да се сменат сами од себе! Роковите се пролонгираат веќе подолг период и не можеме да чекаме од никој ништо, само од самите себе како свесни граѓани. Ќе пробаме на повеќе начини да го освестиме поголемиот број на жители, почнувајќи од оние околу фабриката, а понатака во поголем број, со помасовни протести да извршиме и поголем притисок. Ќе се потрудиме да не се откажеме во оваа намера,а времето ке покаже колку и дали ке успееме!“, реагира Узунов.
Протестите против загадувањето во Скопје се најавени од понеделник до петок секој ден од 17-20 часот преку блокади на ул “Коце Металец” во Железара.
„Во понеделник нема да блокираме, ќе се собереме и ќе правиме галама да не чујат комшиите кои седат по дома“, велат граѓаните и учесниците на протестите, кои повикуваат на засилена јавна свест за прашањето, кое, како што велат, е прашање кое живот им значи.
(М.В)