Граѓани од населбата Црниче: Нацрт-планот на ДУП за локалитетите Тасино Чешмиче 1 и Тасино Чешмиче 2 не ги запазува начелата во процесот на планирање и уредување на просторот
„Со Деталниот урбанистички план е неопходно да се почитуваат основните начела во процесот на планирање и уредување на просторот кои се предвидени во член 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Во овој член од Законот за просторно и урбанистичко планирање, помеѓу начелата е предвидено рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, како и услови за хумано живеење и работа на граѓаните. Но, со овој нацрт-план, вака како што е исцртан, воопшто не се почитуваат овие начела од причина што самиот план не овозможува услови за хумано живеење и работење на граѓаните“, појаснуваат голем број граѓани кои имаат сериозни забелешки на исцртаниот план и нагласуваат дека овој документ не соодветствува со фактичката состојба на терен.
Кон крајот на февруари, Општина Центар го изложи нацрт-планот на Деталниот урбанистички план за градска четврт ј06 дел од локалитетите Тасино Чешмиче 1 и Тасино Чешмиче 2, што предизвика бурни реакции кај голем број граѓани. Луѓето што живеат во овој дел од градот и во чие владение се дворните места повеќе од 50 години имаат сериозни забелешки на исцртаниот план и нагласуваат дека овој документ не соодветствува со фактичката состојба на терен.
„Во воведот од документациската основа, а тоа ни беше кажано и на јавната расправа по повод изложување на нацрт-планот што се одржа во просториите на Општина Центар, наведено е дека изработката на Деталниот урбанистички план се базира врз документациска основа која се состои од:
– аналитичко-истражувачки дел
– графички дел.
Аналитичко-истражувачкиот дел, стои во документот, содржи анализи на постојната состојба и согледување на предметниот простор, како интегрален дел на градскиот простор.
Исто така е наведено дека истражувањата се извршени по пат на директен увид на теренот и анализа на добиените податоци. При увидот на лице место е направена инвентаризација на секој објект. Извршено е архитектонско снимање, при што се утврдени големината на секој објект, катноста и степенот на одржаност. Направена е анкета, со што е остварен директен контакт со корисниците на објектите и просторот, при што се утврдени намената, бројот на корисници, изградената површина и корисната површина наменета за комерцијални дејности. Во оваа насока сакаме да потенцираме дека не е извршено истражување по пат на директен увид на теренот. Увид на лице место не е направен, ниту пак архитектонско снимање. Уште помалку е направена анкета со директен контакт со корисниците на објектите и просторот. Ова го тврдиме бидејќи вака изработениот Детален урбанистички план не одговара на фактичката состојба на терен“, велат граѓаните од повеќе населби од локалитетот Тасино Чешмиче 2.
Тие нагласуваат дека со Деталниот урбанистички план е неопходно да се почитуваат основните начела во процесот на планирање и уредување на просторот кои се предвидени во член 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Начела во процесот на планирање и уредување на просторот се:
– рамномерен просторен развој,
– рационално уредување и користење на просторот,
– услови за хумано живеење и работа на граѓаните,
– надминување на урбаните бариери на лицата со инвалидитет,
– одржлив развој,
– заштита и унапредување на животната средина и природата,
– заштита на недвижното културно наследство,
– заштита од воени разурнувања, од природни и технолошки катастрофи и хаварии и
– јавност во постапка за донесување и спроведување на планската документација.
„Во овој член од Законот за просторно и урбанистичко планирање, помеѓу начелата е предвидено рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, како и услови за хумано живеење и работа на граѓаните. Но, со овој нацрт-план, вака како што е исцртан, воопшто не се почитуваат овие начела од причина што самиот план не овозможува услови за хумано живеење и работење на граѓаните. Притоа, со исцртување на планот, односно при утврдување на градежните парцели не се водело сметка за овие принципи од причина што ние, на пример, како сопственици на станбен објект немаме пристап до куќата, односно немаме никаков премин преку кој би имале пристап до влезот на куќата. Само доколку некој што бил овластен да мери, црта и изработува план, односно доколку некој излегол на терен и увидел каква е фактичката состојба, не би направил ваков урбанистички план. Тоа покажува дека при исцртување воопшто не е излезено на терен, ниту пак е вршено снимање од авион“, велат дел од незадоволните граѓани.
Во согласност со Законот за сопственост и други стварни права, како што потенцираат, тие имаат право на нужен премин, со цел слободен пристап до домовите, потенцирајќи дека со овој нацрт-урбанистички план тоа им е оневозможено.
„Наместо правна сигурност и уредување на односите на луѓето, со цел да се уредат сопственичките права, како и да се уреди катастарот на недвижности, помеѓу граѓаните се спроведува анархија. Се поставува прашањето според кои стандарди, начела или принципи делот од дворно место кое претставува премин до влез на куќа и воедно и нужен премин, двор во кој постојат метални огради од пред повеќе од 40 години, огради изградени од бетон и железо, бетонски патеки, овошни садници и зеленчукови градини со исцртување на планот се ставени во градежна парцела во соседен двор. Со тоа, наместо чисти, правни ситуации и средени катастри, само се продуцираат нови постапки пред надлежните органи.“
Инаку, врз основа на член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Општина Центар организираше јавна презентација и јавна анкета по нацрт-деталниот урбанистички план.
Од општината велат дека ова не е конечна верзија на ДУП за локалитетите Тасино Чешмиче 1 и Тасино Чешмиче 2.
„Пред да се изгласа конечно ДУП, граѓаните имаат право да го видат планот. Сите правни и физички лица кои имаат забелешки може да ги внесат во анкетен лист, а со забелешките добро е да поднесат и дополнителна документација, како што е, на пример, геодетски елаборат oд посебни намени за утврдување на фактичката состојба. Забелешките ги разгледува комисија и врз основа на нејзините понатамошни напатствија, се прават измени во нацрт-планот, се разбира онаму каде што постојат цврсти аргументи“, појаснуваат во Општина Центар.
Крајниот рок за поднесување на анкетните листови е до 15 март.
А. Б.