/ Прочитано:

2.760

Граѓанин на возраст од 15 години остварил приход од над милион денари

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, на денешната прес-конференција ги соопшти највисоките приходи остварени во 2017 година.

Во 2017 година вкупно 455.915 граѓани поднеле годишни даночни пријави, од кои доброволно пријавиле 192.150.172.035 денари годишни бруто-приходи, како и 11 618.491.776 денари персонален данок.

Најголем број годишни даночни пријави за 2017 година биле поднесени во Регионалната дирекција Скопје, и тоа 174.342 годишни даночни пријави.

Според донесените решенија за утврдување на годишниот данок на доход за 2017 година, коишто се доставени на адреса на граѓаните, УЈП има утврдено вкупен годишен бруто-приход од 207.466.392.178 денари и вкупен износ на персонален данок на доход од 12.508.930.256 денари.

Кај 24.524 граѓани УЈП утврдила бруто-приход над еден милион денари, додека најголемиот број на граѓани, поточно 438.004, оствариле бруто-приход што се движи од 100 илјади до 1 милион денари. Највисокиот годишен бруто-приход за 2017 година е пријавен во годишната даночна пријава којашто била поднесена од скопјанец и изнесува 212 милиони денари.

Втор на листата е жител на Скопје кој пријавил приход од 207.587.649 денари. На оваа листа се најдоа и жител од Струга, со остварени 135.137.869 денари и жител од Битола, кој пријавил 92.922.049 денари.

Здравството, фармацијата и информатичките технологии и во 2017 година се сектори каде што се исплатиле највисоки плати. Највисоката годишна бруто-плата во 2017 година е исплатена во секторот здравство и изнесува 167.687.011 денари.

Највисокото дополнително примање и надоместок од работен однос изнесува 46.307.898 денари на годишно ниво. Највисока капитална добивка остварена е од граѓанин на Прилеп и изнесува 43.973.500 денари.

Во највисоко рангираните приходи по основ на повремено или привремено вршење на услуги доминираат велешани, од кои прворангираниот во 2017 година заработил 88.386.695 денари.

Највисокиот профит од вршење на самостојна дејност во 2017 изнесува 56.949.872 денари, а го остварил физичко лице вршител на самостојна дејност од Скопје.

Бруто-приход по основ на имот и имотни права, како што се издавање на земјиште, станови, деловни простории, превозни средства и друг вид на имот, во 2017 година прворангираниот е даночен обврзник од Скопје, којшто пријавил 52.119.889 денари.

По основ на авторски права и права од индустриска сопственост, највисок приход во својата годишна даночна пријава пријавил граѓанин од Скопје, којшто изнесува 32.786..556 денари.

Највисоката добивка од лото, обложување, казино и учество на наградни игри е пријавена од страна на тетовец кој само по овој основ остварил 9.999.041 денари.

Во 2017 година, пензионер од Битола пријавил 55.559.568 денари вкупен годишен бруто-приход по сите основи, вклучувајќи ја и пензијата. Додека највисок бруто-приход само по основ на пензија е пријавен од страна на скопјанец, во износ од 5.728.934 денари. Станува збор за пензија којашто на даночниот обврзник му се исплаќа од странство.

Највозрасниот граѓанин кој остварил приход над 1.000.000 денари е на возраст од 98 години, додека во групата на остварени приходи над 10.000.000 денари е лице на возраст од 86 години.

А, најмладиот граѓанин кој остварил приход над 1.000.000 денари во 2017 година бил на возраст од 15 години, додека во групата на остварени приходи над 10.000.000 денари, најмладиот граѓанин имал 20 години.

М.В