/ Прочитано:

3.631

Граѓаните да ги доставуваат поплаките за судиите до Судскиот совет

Во последните измени на Законот за Судскиот совет на Република Македонија е предвидено дека Судскиот совет на Република Македонија е надлежен да постапува по претставки и поплаки на граѓаните и правните лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите.

Од Судскиот совет велат дека од причина што Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија е укинат со Законот за престанување на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, претставките и поплаките од граѓаните и правните лица треба да се доставуваат до Судскиот совет на Република Македонија.

Во законските измени се пропишува и дека Советот задолжително најмалку еднаш во месецот одржува седница, на која расправа поединечно по сите претставки и поплаки поднесени од граѓаните и правните лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите. Судскиот совет одлучува и за одолжување на судските постапки и за секоја одделна претставка и поплака, најдолго во рок од 60 дена од денот на нивниот прием во Советот.

Укинувањето на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија е назначено и во Стратегијата за реформи во правосудството, каде што се нагласува дека функционирањето на ова тело не гарантирало подобро управување со судството.

„Во 2015 година, во насока на одвојување на фазите на постапката за дисциплинска одговорност на судија (поведувањето на постапката, водењето истрага и одлучувањето за дисциплинска одговорност на судија) формирано е ново тело, односно Совет за утврдување на факти и покренување на дисциплинска постапка, со задача да постапува по претставки и поплаки против судиите во улога на истражно тело. Меѓутоа вака воспоставениот Совет како нова институција не гарантира подобро управување со судството. Во согласност со препораките на Венецијанската комисија се планира целосно да се укине Законот за СУФ и поведувањето дисциплинска постапка кај членовите на Судскиот совет да се врати во сила, притоа утврдувајќи дека членовите што ја иницирале дисциплинската постапка и ‘истражителите’ нема да учествуваат во одлучувањето на дисциплинскиот предмет како ‘судии’“, се посочува во Стратегијата.

М.В