/ Прочитано:

21.701

Граѓаните имаат право да направат замена на купените производи со грешка

Во Здружението за заштита на потрошувачите велат дека кога станува збор за купен производ со грешка, продавачот, во согласност со член 43 од Законот за заштита на потрошувачите, е должен на потрошувачот или да му направи соодветна замена на купениот производ или пак да му ги врати парите. Исто така, граѓаните имаат право да заменат производ доколку увидат дека оној што го купиле не одговара на бојата или на формата или, пак, на бројот. Производот не може да се замени само доколку е правен по нарачка, а тоа, како што посочува правниот советник во Здружението за заштита на потрошувачите, Иво Костовски, најчесто се однесува на мебел. Сето ова е уредено во член 50 од Законот за заштита на потршувачите.

„Пред извесно време купив хулахопки за мојата ќерка која требаше да замине на зимување, но за жал, веднаш кога ги извадив од пакувањето, забележав дека имаат фабричка грешка. Се обидов да ги вратам и иако сѐ уште ја чував фискалната сметка, продавачката не сакаше да ми даде други, ниту пак да ми ги врати парите, со образложение дека газдата не бил во Скопје и дека на своја рака таа не смее да донесе одлука“, вели Мимоза Иванова од Скопје. Во Здружението за заштита на потрошувачите велат дека постојат многу случаи слични на овој кои се пријавени кај нив од страна на граѓани кои сметаат дека им се нарушени правата како потрошувачи. Но, во Здружението велат дека постојат и такви што многу добро го познаваат Законот за заштита на потрошувачите и кои намерно го злоупотребуваат.

„Треба да се внимава кога станува збор за вакви случаи. Во конкретнава ситуација, продавачот, во согласност со член 43 од Законот за заштита на потрошувачите, е должен на потрошувачот или да му направи соодветна замена на купениот производ или пак да му ги врати парите“, вели правниот советник во Здружението за заштита на потрошувачите, Иво Костовски, кој нагласи дека правата на потрошувачите во однос на недостаток на сообразност се содржани токму во член 43 од овој Закон:

Потрошувачот на кого му е продаден производ со недостаток има право по свој избор да бара: 

– бесплатно отстранување на недостатоците на производот или надомест на трошоците направени за отстранување на недостатокот; 

– сразмерно намалување на продажната цена; 

– замена на производот со соодветен производ со иста трговска марка, тип, индустриски дизајн или ознака за потекло и географска ознака на производот;

– замена на производот со соодветен производ со друга трговска марка, тип, индустриски дизајн или ознака за потекло и географска ознака на производот со соодветно

намалување или зголемување на производната цена и 

– раскинување на договорот, враќање на платениот износ и надомест за претрпената штета.

Потрошувачот нема право да го раскине договорот ако недостатокот на производот е минимален.

Барањето од став 1 на овој член потрошувачот по свој избор може да го поднесе пред надлежниот инспекциски орган или до трговецот или до дистрибутерот, во местото на купување на производот или во местото на своето живеалиште.

Костовски нагласи дека за секој производ кој е со грешка, трговецот е должен да постапи во согласност со член 9 од Законот за заштита на потрошувачите кој се однесува на производите кои имаат некаков недостаток или се со грешка. Тоа значи дека, појаснува Костовски, ако трговецот ги продава производите кои имаат недостаток или грешка, мора таквите производи физички да ги одвои од другите производи и јасно видливо и читливо да ги обележи на производот и на продажното место да истакне натпис дека се работи за продажба на производи со недостаток или грешка.

Во Здружението за заштита на потрошувачите велат дека граѓаните имаат право да заменат производ доколку увидат дека оној што го купиле не одговара на бојата или на формата или, пак, на бројот. Производот не може да се замени само доколку е правен по нарачка, а тоа, како што посочува Костовски, најчесто се однесува на мебел. „Сето ова е уредено во член 50 од Законот“, вели тој.

Потрошувачот има право кај трговецот кај кој е купен производот да го замени производот што има соодветен квалитет, а што не одговара во однос на формата, големината, моделот, бојата, бројот или од други причини освен во случај на купен производ изготвен по нарачка од потрошувачот врз основа на писмен договор.

Потрошувачот правото од став 1 на овој член може да го оствари во рок од 15 дена од денот кога е купен производот.

Замена на производот со соодветен квалитет се врши ако производот не бил употребуван, ако е сочуван изгледот на производот, употребните својства, пломбите, фабричките етикети, како и фискалната сметка за производот или сметкопотврда кои на потрошувачот му биле издадени заедно со производот.

Ако во моментот на поднесување на барањето од потрошувачот, трговецот нема соодветен производ (производ што ќе одговара на неговите потреби), потрошувачот има право по свој избор да бара:

– да го раскине договорот и да бара враќање на платениот паричен износ или

– да го замени производот со соодветен кога ќе има таков производ.

Трговецот е должен да го извести потрошувачот кој барал замена на производот дека има таков производ за продажба во рок кој не може да биде подолг од 30 дена од денот на приемот на барањето.

Многу често, вели Костовски, на голем број од дуќаните и продавниците може да се забележат залепени натписи на кои пишува: „Не враќаме купен производ“. Но, како што објасни, тоа е недозволиво, па во вакви ситуации дејствува Државниот пазарен инспекторат.

А. Б.